Чулев без оглас ја унапредил сопругата на Чавков за три скалила повисоко во МВР

Од:

Јасмина Чавкова, сопругата на ексдиректорот на БЈБ и осуден за „27 април“, Митко Чавков, е унапредена во МВР за три скалила повисока позиција од страна на техничкиот министер, Наќе Чулев, дознава „А1он“. Решението за прераспределување на Чавкова не го потпишала  дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска, бидејќи, сметала  дека не е во согласност со законот.

Сопругата на Чавков претходно била виш инспектор во СВР Скопје, а сега, по унапредувањето, таа е виш полициски советник во Бирото за јавна безбедност. Унапредувањето од три работни позиции е спротивно на систематизацијата, која дозволува преместување за две позиции. Министерот Наќе Чулев не одговори на нашите повици и писмено најави дека подоцна ќе даде став околу прераспределувањето.

Според информации на „А1он“ решението се спроведува без потпис на Петровска, како што тоа беше случај  и претходно, кога дополнителната-заменик министерка не се согласуваше со кадровските одлуки на министерот Чулев. Началникот на СВР Скопје, Ристо Ставревски, за „А1он“ вели дека треба да провери дали Чавкова е прераспределена на новото работно место, по што ќе даде одговор.

Дополнителната заменик-министерка, Петровска, за „А1он“ потврди дека не го потпишала решението за унапредување на Чавкова, а на Чулев му објаснила зошто постапила така.  Според неа, прераспределбата без интерен оглас штети и на другите вработени во МВР, бидејќи, на тој начин се лишени од еднаквата  можност да ја добијат таа работна позиција.

„Не се сложив бидејќи е прераспределување кое се прави од пониска на повисока позиција со неколку скалила повеќе. Согласно Законот за внатрешни работи на кој постојано се повикува техничкиот министер Наќе Чулев, треба да се распише интерен оглас, на кој сите вработени кои ги исполнуваат условите може да се пријават. Тоа не е направено, што значи, не им е даден еднаков пристап на сите вработени за таа работна позиција“, посочи Петровска.

Според хиерархијата во Бирото за јавна безбедност, за да се стигне до работната позиција виш полициски советник, претходат позициите самостоен инспектор, главен инспектор, полициски советник, а за секоја од нив, морално е да се распише интерен оглас за распределувањето да биде во транспарентна постапка, на кој право да се пријават имаат вработените кои исполнуваат услови.

Министерот Чулев најави дека ќе одговори дали распределувањето на Чавкова го направил согласно закон, како и зошто не распишал интерен оглас кој го бара Петровска.

Би можело да ве интересира

Чулев: Во моментот на инцидентот во М-НАВ имало 40 прелети, авион оставен да кружи

Чулев: Зградата на М – НАВ претставува објект од критична инфраструктура од исклучителна важност за функционирањето на државата, сторителите на делото треба да бидат најостро санкционирани

Предраг Петровиќ

Чавков пренесен во приватна болница во Скопје, му се влошила здравствената состојба

Жарко Настоски

Наќе Чулев: Јас ја реактивирав истрагата за пасошите, Спасовски чекаше предолго да ја заврши

Жарко Настоски

Чулев: МВР не беше информирано за набавката на софтверот на Рашковски

Жарко Настоски

ВИДЕО: Условна затворска казна за советникот на Чулев кој нападна началник од Тетово