Повеќе од двојно дозволи за движење за време на полициски час издало Министерството за информатичко општество и администрација во споредба со почетокот на април. За бројот на дозволи издадени од приватните компании, пак, никој не води сметка. Тие само пријавуваат дека имаат работа во ноќна смена, обврска која ја имале и пред воведувањето на полицискиот час.
„Од почетокот на кризата, Министерството за информатичко општество има издадено вкупно 56.190 дозволи. Од нив 23.697 се дозволи издадени на вработени во државни институции, а 1145 за медиуми“, велат од Министерството за „А1он“.
Останатите дозволи се на пекари кои имаат до пет вработени, вработени во погребални претпријатија и лица кои се грижат за нега на болни, а дозволи се издаваа и на лица кои одгледуваат кучиња надвор од местото на живеење.
Во оваа бројка не влегуваат дозволите за движење на земјоделците на кои им беше дозволено движење со најава во општинските кризни штабови, а истите органи, пак, издаваа дозволи и за работа на ресторани и доставувачи на храна.
На почетокот на април министерот Дамјан Манчевски извести дека бројот на издадени дозволи за движење во полициски час е 27.000. Тогаш ја промовираше и страната uslugi.gov.mk каде граѓаните можеа по електронски пат да добијат дозвола за движење, место дотогашното испраќање барања во министерството.
Евиденција и контрола на бројот на издадени дозволи за движење од приватните компании нема ниту една државна институција. Директорот на Државниот инспекторат за труд Аљадин Хавзиу за „А1он“ вели дека кај нив приватните компании само пријавувале дека работат во трета смена или за време на празници.
„ Приватните компании нас не известуваат дека работат, тоа им треба за да ги оправдаат дозволите што самите ги издаваат за движење во полициски час, но ние како Инспекторат само го добиваме известувањето, ништо дополнително не им издаваме. Немаме увид во тоа колку дозволи издале приватниците врз основана тоа што пријавле кај нас дека ќе работат ноќе, за време на викенд или на празник“, вели директорот Хавзиу.
На приватните компании им беше дозволено да издаваат дозволи за вработените но исклучиво за одење од дома до работа. Најавите беа дека оние кои полицијата ќе ги затече надвор од трасата од дома до работа, ќе добијат казни, а за злоупотребите на дозволите дополнителната заменик министерка за внатрешни работи Славјанка Петровски најави дека ќе бараат и затворски казни.
Од МВР не одговорија на прашањата од „А1он“ колку вкупно кривични пријави поднеле за злоупотреби на дозволите за движење и дали за некого побарале и затворска казна.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, во понеделникот по завршување на тридневниот карантин во Скопје, Куманово, Тетово и Штип рече дека на полицијата и станува тешко да ги контролира дозволите за движење поради огромниот број издадени такви документи.
Изминатиов период МВР јави за неколку поднесени кривични пријави за злоупотреба на дозволи за движење, а откри фалсификувани дозволи.