Пред неколку дена властите во Пјонгјанг понудија два услови по чие исполнување може да започне процесот на дијалог: американско-јужнокорејските воени вежби мора да завршат, и ОН мора да ги укине воведените санкции против Северна Кореја. Повикот за дијалог доведе до намалување на тензиите на Корејскиот полуостров по неколку недели значителна ескалација во која американските сили во Јужна Кореја донесоа дополнително вооружување. Меѓутоа, сегашниот предлог САД го отфрла – истакнуваат дека Северна Кореја мора да се откаже од својата нуклеарна програма.
Денес дојде одговорот од Пјонгјанг. Се истакнува дека Северна Кореја одбива да се разоружа и дека нема да се откаже од нуклеарното оружје – за кое веќе во неколку наврати се истакнува дека служи како најважен елемент во одбраната на земјата. “САД не треба да размислува за денуклеаризирање на полуостровот пред светот да помине денуклеризација”, се вели во текстот кој е објавен во Севернокорејскиот државен весник Родонг Синмун.
“Може да започнат разговори меѓу ДНРК – (Демократска Народна Република Кореја) и САД, но не за денуклеаризирање”, се наведува.
Да потсетиме, Северна Кореја во февруари оваа година изврши трета нуклеарна проба.
Во претходните години, конкретно во 2005, Пјонгјанг беше подготвен да се откаже од својата нуклеарна програма врз основа на тогашните преговори, но сега истакнува дека нуклеарното оружје е одбрана од која во никој случај нема да се откаже.
Поради тестот уследија нови санкции од ОН, како и по лансирањето на научниот сателит во орбитата.