Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со дивоградбите на крајбрежјето на Охридското езеро, ги повикува Владата во соработка со надлежните институции, Министерството за транспорт и врски, Државниот градежен инспекторат, Министерството за животна средина и просторно планирање и Управата за заштита на културно наследство, да постапат согласно регулативата и да ја применат преку конретни мерки и активности.
Владеењето на законот, стои во денешното соопштение од ДКСК, мора да се почитува без исклучок, а во случајов да се постапи согласно незаконското располагање на крајбрежјето на Охридското езеро.
– Имено, договорите за краткотраен закуп на плажите во Охрид и Струга се истечени од 2016 година до денес, а дополнително на тоа останува да се постапи и да се спроведе законот за бесправно изградените објекти и да се обезбеди владеење на правото во ова подрачје и во целата држава. Дотолку повеќе што се работи за подрачје заштитено од УНЕСКО, а локалните функционери не само што не ги извршуваат своите ингеренции и делумно ги спроведуваат законите, туку си дозволуваат и непримерно однесување и се поставуваат над законот, се подвлекува во соопштението од ДКСК.