Северна Кореја постави повеќе услови, за да се согласи да го обнови дијалогот со Јужна Кореја, вклучувајќи укинување на санкциите на ОН кон неа и прекин на заедничките американско-јужнокорејски воени вежби.
– Ако непријателите, САД и Југот навистина сакаат дијалог и преговори, тие треба да преземат мерки, се вели во коминике на Националниот комитет за одбрана на Северна Кореја.
По секоја веројатност, тие услови ќе бидат отфрлени од Сеул и Вашингтон, кои бараат од Пјонгјанг да се откаже од нуклеарната програма.
Напнатоста на Корејскиот полуостров драстично се зголеми откако Пјонгјанг го изврши својот трет нуклеарен обид на 12 февруари и во одговор Советот за безбедност на ОН му наложи нови санкции.