Со масовен собир на ливадата пред пред локацијата на Иловица-Штука, активистите на „Здрава котлина“ и „Еко долина“ утре во 16.30 часот ќе го одржат своето Собрание и ќе пратат порака до надлежните дека нема да дозволат отворање на рудник за бакар и злато на ова место. По одлуката на Управниот суд кој пресуди во полза на „Еуромакс рисорсис“, иако Владата во јануари донесе одлука за одземање на конценсијата на оваа компанија, активистите велат дека со жив ѕид и блокади ќе ја бранат Иловица. Ова се само првичните мерки во натамошната битка на активистите по продолжување на многугодишната сага во борбата да не дозволат отворање на рудник.
„Ќе ги почитуваме препораките за собир во вакви околности но мораме да одржиме Собрание бидејќи очигледно е дека државата нема интерес да се споречи ова зло. Нема да дозволиме еколошка катастрофа и чудовишни брани од јаловина. Ќе правиме блокади и до рудникот нема да помине никој од „Еуромакс рисорсис“. Ова е само почеток, од низата активности, планираме и правна битка, и ќе сториме све во недостаток на органи на државата сами да се справиме, велат за „А1 он“ од „Здрава котлина“.
Според нив многу е индикативно што Управниот суд донел пресуда на 31 март во време кога целиот фокус на јавноста е насочен кон справување со епидемијата од Ковид -19.
„Управен суд тајно си пресуди, државата што го изгуби управниот спор тајно си ќутеше, бранителот на државата на рочиштето си ќутел кога го прашувале за објаснување, политичарите си ќутеа оти не треба да ги засега баш сега предизборно, единствено газдите Еуромакс мораа да рапортираат на Канадско регулаторно тело и среќа што ги следиме па така нешто и ние да дознаеме за нашата иднина што тука тајно ја цртаат. Не е прв пат, не е последен пат, исто беше и во 2017 кога за прв пат од Канада откривме што тука се спрема. Затоа ако ви треба нешто подобро е да барате во Канада наместо Македонија. Може затоа и Еуромакс како канадска фирма се видовити, ние останатите тука во Македонија сме слепи, глуви, неми и сакати… Добро да бидеме фер, сакати не сме само на изборен ден кога треба да се држи пенкало и да се гласа“, велат активистите.
Нивниот повеќегодишен активизам против компанијата „Еуромакс ресорсис“, повторно е интензивиран после одлуката на Судечкиот совет на Управниот суд кој на 31 март донел пресуда за уважување на тужбата на оваа компанијата која сака да гради рудник во селото Иловица. Ваквиот тек на настаните доаѓа откако компанијата во октомври минатата година поднесе тужба до Управниот суд против решението донесено од Второстепената државна комисија, која ја одби жалбата на „Еуромакс“.
Активистите се подготвени да приложат повеќе докумени до Јавните обвинителства на Македонија и на Канада, кои како што велат ќе ја докажат коруптивноста и вмешаноста на повеќе поранешни и актуелни функционери во овој слчај.
Од друга страна пак „Еуромакс ресорсис“ тврди дека досега вложил 50 милиони евра во подготовки за отворање на рудникот.
„Она што е пред нас, не е одлуката дали тука треба да има рудник, туку кој ќе управува со него. Со почитување на принципот на владеењето на правото постои можност да се продолжи со развој на Проектот и со тоа да се покаже на меѓународната заедница дека во државата владее пријателска клима за поттикнување странски инвестиции“, велат од „Еуромакс Ресоурсис “.
Ова доаѓа откако Второстепената комисијата ја потврди одлуката на Министерството за економија за одбивање за барањето за експлоатација на „Иловица“. Претходно, Владата објави дека дозволата за „Иловица“ е одбиена бидејќи од „Еуромакс“ не биле доставени сите потребни документи за експлоатација согласно Законот за минерални суровини.