Светот се подготвува за недостиг на бакар, Македонија сè уште не го активира потенцијалот на Иловица

Од:

Бакарот станува еден од најважните ресурси за иднината на светската економија, а предупредувањата за недостиг во наредните години отвораат нови прашања за земјите што располагаат со овој метал. Во анализа на „Фајненшел тајмс“ (Financial Times), глобалниот недостиг е опишан како „следниот голем ресурсен шок“, со можни последици за енергетиката, технологијата, инфраструктурата и одбранбената индустрија.

Бакарот е неопходен за електрификацијата и развојот на нискојаглеродните технологии, вклучувајќи ги соларните панели, електричните автомобили и електричните мрежи. Неговата важност дополнително расте со експанзијата на вештачката интелигенција и изградбата на центри за податоци, како и со зголемените инвестиции во воената индустрија и инфраструктурата.

Според истражувањето на „БлумбергНЕФ“ (BloombergNEF), долгорочен недостиг на бакар би можел да започне во 2028 година. Проекциите укажуваат дека понудата може да биде 8 отсто под побарувачката во 2035 година и 44 отсто под неа во 2050 година. Предупредувања за слични ризици во снабдувањето со бакар доаѓаат и од Меѓународната агенција за енергетика.

Овие трендови го менуваат начинот на кој се разгледува значењето на минералните ресурси. Бакарот не е само суровина за традиционалната индустрија, туку и основа за развој на технологии и инфраструктура од кои ќе зависи економијата во следните децении.

„Изградбата на еден дата центар може да трае шест месеци, но за откривање на ново наоѓалиште на бакар, добивање дозволи и изградба на нов рудник може да бидат потребни 15 години. Всушност, многу компании што експлоатираат бакар се мачат дури и да го одржат производството на постојните локации – голем дел од нив работат со децении и се соочуваат со опаѓање на квалитетот на рудата. Во однос на обемот на побарувачката, бројот на нови „гринфилд“ рудници што се пуштаат во производство е исклучително мал, бидејќи во текот на изминатите неколку децении значително се намалени активностите за нивно откривање и развој“, оценува Џонатан Прајс, извршен директор на големиот производител на бакар „Тек“.

Дали Македонија ќе ги искористи своите потенцијали на бакар во период кога светот ќе се бори за повеќе количини од металот? Во моментов функционира единствено рудникот за бакар „Бучим-Боров дол“, кој веќе ги исцрпува капацитетите. Од друга страна, во минатото голем број на инвестиции во проекти за ископ на бакар пропаднаа и сега актуелна е само гринфилд инвестицијата во проектот „Иловица-Штука“. Во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, беше посочено Македонија да ги искористи капацитетите на критични суровини и да се вклучи во светската трка, запазувајќи ги европските стандарди во рударството.

Усогласувањето со европските стандарди се очекува и преку усвојувањето на најавените предлог закони за рударство и за геологија. Текстовите на двата закона неодамна беа расправани и во Стопанската комора на Македонија, од каде соопштија дека предложените решенија се насочени кон обезбедување поголема правна сигурност, поттикнување на инвестициите, поефикасни административни постапки и зајакнување на заштитата на животната средина.

„Рударството и геологијата не се само економски дејности. Тие претставуваат важен дел од индустриската основа на државата, обезбедуваат суровини за бројни други сектори, отвораат работни места, придонесуваат за локалниот и регионалниот развој и имаат значајна улога во економската и стратешката сигурност на земјата. За овој сектор да се развива одржливо и конкурентно, неопходна е стабилна, јасна и предвидлива законска рамка. Потребни се правила што ќе овозможат одговорно управување со минералните суровини, квалитетни геолошки истражувања, безбедно работење и заштита на животната средина, а истовремено ќе создадат услови за нови инвестиции и модернизација на постојните рудници“, соопштија од Комората.

Додека трае светската трка за минерали, а кај нас се расправа за предложените текстови на законите кои се очекува да отворат пат за нови инвестиции и геолошки истражувања, од локалната иницијатива „И здравје и работа“, која дава поддршка за проектот во Иловица, соопштија дека Македонија не смее да ја пропушти шансата за економски развој преку одговорно искористување на минералните ресурси.

„Македонија не смее да остане само набљудувач на овие процеси. Земјата располага со минерални ресурси и проекти што отвораат прашања за нивната економска оправданост, иднина и можен придонес кон развојот. Иловица е еден од најзначајните примери во оваа дебата, но и пример како значајни рударски инвестиции можат со години да останат без конечна разврска. Развојот на рударството не смее да биде тема што се сведува на дневнополитички преписки, меѓусебни обвинувања и политички пораки. Тоа е сложено економско, техничко и општествено прашање што бара стручна, аргументирана и инклузивна дебата“, се наведува во соопштението.

Од иницијативата додаваат дека Македонија не смее да ја пропушти можноста минералните ресурси да ги разгледува како дел од својата долгорочна развојна политика, а одговорното рударство, кога е економски оправдано и усогласено со високите стандарди за заштита на животната средина, може да создаде можности за инвестиции, работни места, развој на локалните бизниси и подобрување на животниот стандард.

Би можело да ве интересира

Шпанија вложува 197 милиони евра во геолошки истражувања, минералните ресурси стануваат стратешки приоритет

Недостигот на бакар се очекува да се продлабочи од 2027 година – новите наоѓалишта стануваат сè поважни

Европа инвестира во критични суровини, а Македонија треба да одлучи како ќе го искористи својот бакарен потенцијал

Европа бара поголема независност во снабдувањето со бакар, „Иловица–Штука“ како развоен потенцијал

Бакарот станува сè повреден, рудниците се отвораат – Македонија ја чека својата шанса

Додека соседните и светските економии бараат бакар, Македонија не го користи својот минерален потенцијал

А1он