Бакарот станува стратешки ресурс, светот се соочува со ризик од недостиг

Од:

Светот се подготвува за потенцијален недостиг на бакар, метал кој станува сè поважен за енергетската транзиција, електрификацијата на транспортот и развојот на индустријата. Според проценките на BloombergNEF, за да се избегне иден шок во понудата, во рударскиот сектор се потребни нови инвестиции од приближно 332 милијарди долари.

Побарувачката за бакар за потребите на електрификацијата се очекува да порасне за 89%, достигнувајќи 23,3 милиони тони во 2050 година. Но, дури и доколку се реализираат неопходните инвестиции, недостигот би можел да продолжи најмалку до 2043 година.

Една од главните причини е долгото време потребно за развој на нов рудник. Во просек, од започнувањето на развојот до отворањето на рудникот поминуваат околу 17 години, што значи дека денешните инвестициони одлуки ќе имаат директно влијание врз идната достапност на бакар.

„Се очекува пазарот на бакар да влезе во дефицит во 2028 година, бидејќи побарувачката се зголемува, а производителите се борат да го компензираат падот на производството“, се наведува во извештајот.

Електричниот транспорт е најбрзорастечката примена на бакарот. Електричните автомобили, камиони и автобуси бараат значителни количества од овој метал за електромоторите, инверторите, батериите, високонапонските кабли и полначите. Бакарот останува неопходен и во градежништвото, индустриското производство и производите за широка потрошувачка.

Овие трендови ја потврдуваат растечката стратешка важност на рударството и потребата од навремено планирање на нови капацитети за производство на критични суровини.

Во Македонија единствена нова инвестиција за бакар е во рудник во Иловица, чија првична тежина изнесува околу 350 милиони евра. Оваа инвестиција се уште не е реализирана, иако се изминати повеќе од 22 години од дозволата за геолошки истражувања на наоѓалиштето, издадена во 2004 година. Подоцнежните истражувања покажаа дека е возможно просечно годишно производство до 16 илјади тони бакар, со животен век на рудникот од околу 23 години. Претходно и во анализа на професори од Универзитетот во Штип беше нагласено дека порфириското наоѓалиште на бакар „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект во Македонија.

Инаку, според аналитичарите, на светско ниво веројатно има доволно бакар под земја, но новите рудници и проширувањето на постојните не напредуваат доволно брзо за да го компензираат намалениот принос од постојните наоѓалишта.

„Тешкотиите со кои се соочува рударството во зголемувањето на производството се главната тема во еден многу, многу тесен пазар. Веќе се намалуваат проценките во постојните рудници. Станува збор за истрошени, многу стари наоѓалишта и недостаток на развој на нови ископи за снабдувања на пазарот“, изјави Еви Хамбро, глобален раководител за тематски и секторски инвестиции во BlackRock Inc., во интервју за Bloomberg.

Се очекува намалувањето на концентратот на бакар во ископаната руда да ги зголеми трошоците за производство, а рециклирањето да не биде доволно за да го компензира понискиот принос од примарните извори. Од друга страна, високата електрична спроводливост и издржливоста на бакарот отежнуваат тој да биде заменет со други метали.

Ваквата состојба со критичните суровини, каков што е и бакарот, која силно ќе влијае на економиите, а со тоа и на националната безбедност, го крена црвениот аларм во Германија. Канцеларот Фридрих Мерц, минатата недела на самит за енергетика, посочи дека Европа мора да создаде залихи од критични суровини за да ја намали зависноста од земјите што доминираат во нивното ископување и преработка.

„Без критични суровини не би имало батерии, ниту електрични мотори со високи перформанси, ниту современи полупроводници, а ниту многу други технологии од кои ќе зависат нашите економии во иднина. Државите мора да помогнат во диверзификацијата на изворите на снабдување, да го зајакнат рециклирањето и циркуларната економија – ова е многу конкретен предлог што го изнесувам – Брисел да создаде залихи, на европско ниво“, истакна Мерц.

Како што потсети Ројтерс, Европската Унија, заедно со другите големи западни економии, во значителна мера зависи од Кина за критични минерали и компоненти, како што се батериите и ретките земни елементи, кои се користат во одбраната, воздухопловство и вселенска индустрија, автомобилската индустрија и обновливите извори на енергија.

 

Би можело да ве интересира

Просечната цена на струјата на HUPX берзата за 13 ноември 2026 изнесува 200,40 евра за мегават час, на МЕМО 211,11 евра за мегават час

Димов: Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство, стравот не смее да биде посилен од знаењето

Кошутиќ: Надлежните институции и ЈО да го разгледаат ревизорскиот извештај за Железници Транспорт, да се утврди одговорност

Предраг Петровиќ

На 360 граѓани од Прилеп, Охрид и Ресен им се исплатени средства во филијалата на Алта банка во Битола

Ангел Анѓушев: За успех на странските пазари не е доволна само добра цена, туку и висок квалитет

Предраг Петровиќ

Андоновски: Европската комисија го потврди одличниот напредок во дигиталната трансформација на државата