Пендаровски во разговор со солидарни граѓани: Вашата хуманост ќе биде раскажувана и на идните генерации

Од:

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, преку видео врска поразговарал со неколку поединци кои со својот активизам, хуманост и солидарност помогнаа на многумина граѓани во екот на пандемијата на вирусот КОВИД-19, соопштуваат од неговиот Кабинет.

„Вие секако се истакнувате според влијанието кое го имате во средината во која живеете. Сакам да ви изразам огромна благодарност за тоа што го правевте до сега, се надевам ќе го правите и понатаму, бидејќи во ова време невреме многу малку од нашите сограѓани се решија да го направат тоа што вие го направивте. Навистина Ви благодарам. Сакам да Ве охрабрам. Имате голема поддршка од мене“, истакнал Пендаровски во видео разговорот.

Тој го слушнал искуството на д-р Александар Каревски, кој заедно со неколкумина свои колеги на 3Д печатари изработуваат визири за заштита на вработените во здравствените установи. Нивната иницијатива за кратко време доби голем број поддржувачи. Досега, како што рече д-р Каревски се дистрибуирани околу осум илјади, а во текот на следната недела ќе бидат поделени уште 22 илјади визири за здравствените работници.

Пендаровски, исто така, се запознал и со хуманоста на семејството Велески, кои периодот на изолација го користат за да изработуваат заштитни маски.

Во разговор со претседателот Пендаровски, Марија Велеска од скопско Визбегово рече дека досега заедно со нејзиниот сопруг и ќерката изработиле над пет илјади заштитни маски и користејќи ги социјалните медиуми маските ги поделиле без да наплаќаат за нив.

Давајќи им храна на тие што не можат да си ја дозволат, јас се хранам самиот себе си, отворено вели скопјанецот Али Февзи. Тој од сопствени средства купува храна и секој ден им помага на повеќе од 10 семејства. Вели дека го исполнува тоа што го прави, но истовремено Февзи испрати и апел до институциите – на семејствата и на поединците во социјален ризик да им помагаат во континуитет, а не само во период на криза.

За одбележување, како што рече претседателот Пендаровски е и гестот на иноваторите Ивица Поцков и Никола Глигоров. Тие се креатори на УВ-гард за дезинфекција од вируси и бактерии. Поттикнати од нивната хуманост, тие досега донирале пет вакви уреди и тоа, на скопските клиники за инфективни болести и за пулмологија и алергологија, на ГОБ „8 Септември“, како и на болниците во Свети Николе и во Кавадарци.

Како што рекоа во разговорот со претседателот Пендаровски, за донација подготвуваат уште осум уреди за дезинфекција. Во видео разговорот Ивица и Никола го информираа претседателот Пендаровски дека уредот е со УВЦ-зраци и дека дезинфицира површини, воздух и какви било материјали.

Еден од соговорниците во видео разговорот беше и кавадарчанецот Борче Стаменов, којшто веќе четири години поправа стари, нефункционални компјутери и потоа ги донира на деца чии семејства не можат да си ги дозволат. Досега, како што рече Борче израдувал околу 220 дечиња.

Во изминатиов период кога сме соочени со пандемијата на вирусот КОВИД–19 и кога физичката дистанца е еден од начините на заштита меѓу граѓаните, околу 60 извидници во неколку скопски општини помагаа во одржување на редот. Владимир Костовски од Сојузот на извидници во разговорот посочи дека нивниот активизам е во служба на луѓето, а не во служба на маркетите или банките, бидејќи најважно е здравјето на нашите сограѓани.

„Вие правите исклучително важна работа. Вашиот ангажман во изминатите два месеца ќе биде раскажуван и на генерациите кои ќе доаѓаат. Ова нема да ви биде заборавено. Барем кај мене, а се надевам и кај целиот наш народ Вие ќе бидете забележани како вистински јунаци на нашето време“, заклучи претседателот Пендаровски во разговорот со некокумина хумани и солидарни поединци и семејства.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Пендаровски го повика Мицкоски на дуел

Предраг Петровиќ

Пендаровски: Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество

Катерина Ѓуровски

Аеродром, Карпош и Центар остануваат општини со најголем број активни случаи на Ковид

Во првите шест месеци годинава вкупно се собрани 20.692 единици крв, 165 единици тромбоцитен концентрат и 61 единица конвалесцентна плазма

А1он

Полицијата казнила 805 лица за неносење маски, четири лица ја прекршиле мерката за самоизолација

А1он

Дали „Остани дома“ е сигурно за сите: нема зголемени јавувања на СОС-сигналите, жртвите срамежливо пријавуваат насилство

Ана Василевска