Пендаровски: Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество

Од:

Добрососедството, втемелено врз заемно почитување и соработка врз рамноправни основи, е единствената алтернатива на ретроградните процеси и на заострената реторика што, за жал, сѐ почесто се слуша во нашиот регион. Оваа традиционална Светосавска академија е уште една прилика, на симболичен начин да ги потврдиме нашите добри намери и да продолжиме да градиме мостови на соработка меѓу двете пријателски држави, менувајќи го вековниот имиџ на нашиот регион од проблематичен во просперитетен дел на Обединета Европа, порача претседателот Стево Пендаровски на годинашната Светосавска академија.

Честитајќи го 27 Јануари – Националниот ден на српската заедница во земјава истакна дека целта на ваквите празници е, преку потсетување на минатото, да ја обединат и да ја подготват заедницата за тековните предизвици, но и за потфатите насочени кон иднината.

-Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Како уставно призната и општествено ценета, српската заедница е нераздвоен дел од македонскиот мозаик и активно придонесува за изградбата и за развојот на нашата заедничка македонска татковина. Меѓу нас, вечерва, се дел од бројните истакнати припадници на српската заедница, кои го збогатуваат нашиот општествен, научен, културен, спортски и политички живот. Ви благодарам за вашиот ангажман и ве охрабрувам да продолжите да го давате најдоброто од себе за добробит на нашата заедничка држава, рече Пендаровски.

Квалитетните меѓуетнички односи, посочи, ги надополнуваат и добрите односи меѓу нашите две пријателски држави кои потврдуваат дека и на Балканот, билатералните односи можат да се градат со заемно почитување, без притисок и без условувања.

-Пред две години сведочевме на обновата на евхаристичкото единство меѓу Македонската православна црква ─ Охридска архиепископија и Српската православна црква. Иако, и Македонија и Србија се со устав дефинирани како секуларни држави, сепак, православните цркви низ целата наша историја, исто како и денес, се важни не само за духовниот идентитет на православните христијани, туку и за националниот и за културниот идентитет на македонскиот и на српскиот народ. Република Србија и Српската православна црква имаа конструктивен став кон ова за нас исклучително важно прашање, за што сум особено благодарен, посочи Пендаровски.

Овој историски настан, додаде, не само што ги спушти тензиите во тој сегмент од нашите взаемни односи, туку ја отвори и можноста за прославување на најголемиот македонски празник, 2 Август – Илинден, на местото каде што е формирана современата македонска држава – во манастирот „Св. Прохор Пчински“.

-Взаемната поддршка не е само симболична, туку е и конкретна и таа доаѓа до израз и во моменти на елементарни непогоди, кризи и други сериозни предизвици, како што беше помошта на почетокот на процесот на вакцинацијата во екот на пандемијата. Ваквиот однос не треба да изненадува. Македонскиот и српскиот народ имаат децениска историја на соживот, вклучително и во поранешната заедничка држава. Од взаемното почитување се развија и лични пријателства и роднински врски кои траат со генерации. Во тој контекст, македонската заедница во соседна Република Србија и српската заедница кај нас се стабилен мост на пријателство меѓу двете држави, истакна Пендаровски.

Нагласи дека во услови на мултиплицирани кризи и безбедносни предизвици во Европа и на глобално ниво, на Западниот Балкан наместо рециклирање на анахроните митови од 19 век, во оваа трета деценија на 21 век, му се потребни демократски реформи, забрзан економски раст и инфраструктурно поврзување.

-На Балканот одамна е дојдено времето за решавање на секојдневните проблеми и реалните потреби на обичниот човек. Најсериозната долгорочна безбедносна закана за државите од регионот е да останеме без нашите млади луѓе. Ако сакаме нашите граѓани да не се иселуваат насекаде низ Европа и светот, треба да градиме инклузивни и праведни општества на благосостојба во кои луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства. А тоа ќе го направиме ако работиме на меѓусебното поврзување и наше заедничко интегрирање во големото европско семејство на народи, потенцира Пендаровски.

Би можело да ве интересира

Ковачевски: СДСМ е единствената политичка сила која може да ја внесе Македонија во ЕУ

Ковачевски: Не е точно дека со ДУИ договараме бојкот на изборите на 8 мај

Катерина Ѓуровски

Ковачевски: Денеска е првиот чекор кон големата одлука

Катерина Ѓуровски

Ковачевски: Закани и блокади не враќаат назад во минатото, никој не смее да си поигрува со иднината на државата

Вучиќ на СБ на ОН: Со изборната кампања на Курти во Северна Македонија, тој ја поткопува регионалната стабилност

Ковачевски: Македонија, нема повеќе време за чекање, нема откажување од иднината