Министерството за внатрешни работи за вчерашната литија со стотици верници кои не ги почитуваа мерките за заштита од коронавирусот, вели дека старешината на црквата „св. Ѓорѓи“ во Струга ги информирал дека настанот ќе се одржи само со локалното свештенство и монташтво, а кога полицијата увидела дека на настанот се придружуваат и граѓани, не можеле да ги спречат поради страв од пожестока реакција и ескалација на ситуацијата. МВР тврди дека полицијата во Струга ги спровела сите безбедносни мерки и постапувала во согласност со мерките донесени од Владата за заштита од Ковид-19.
„На 04.05.2020 година, началникот на ОВР Струга, заедно со други претставници од полициската станица, одржа работен состанок со старешината на црквата „Св.Ѓорѓи“ во Струга, на која на старешината му беше нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од зараза со Корона вирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица, строго да се придржуваат до одредбите за држење прописно растојание. Старешината на црквата, ги запозна полициските претставници дека, навремено ќе информира за сите планирани активности пред и за време на одржувањето на Литијата и нагласи дека бил во постојан контакт со МПЦ-ОА“, информираат од МВР.
Полицијата во Струга забележала дека група на верници започнале да се собираат уште во дворот на црквата „св. Ѓорѓи“, но имале маски и држеле растојание, велат од МВР, по што додаваат дека кога поворката се движела низ струшките улици, полицијата забележала дека од споредни улици и дворови, граѓаните излегувале и се придружувале на поворката.
„ОВР Струга изготви оперативен план и во согласност со истиот, на 07.05.2020 година, изврши физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св.Ѓорѓи“ , во чиј двор беше забележана помала група верници кои имаа заштитни маски и беа на соодветно меѓусебно растојание. При движење на Литијата кон кејот и на шеталиштето, од споредните улици и од дворовите на приватните куќи, околу 17.30 часот, полициските службеници забележаа движење и приклучување на групи верници“, велат од МВР.
Од МВР велат дека било невозможно да се спречи собирањето на стотиците верници кои и се придружиле на литијата, бидејќи ако имале пожестока реакција, ќе имало и ескалација.
„Иако, имаше обид на полициските службеници да се спречи нивно ефективно вклучување во поворката на што наидоа од вербална реакција и негодување од граѓаните, таа појава не беше возможно целосно да се спречи со поригорозна полициска интервенција поради можноста од пожестока реакција на верниците и ескалација на ситуацијата“, сметаат од МВР.
Тие на крајот од соопштението наведуваат дека за разлика од минатогодишната литија со 10.000 верници, оваа година имало околу 300 лица. По ова, струшката полиција и Обвинителството спроведуваат мерки за да се идентификуваат евентуални организатори на непредвиденото и ненајавеното приклучување на групите верници по што ќе бидат поднесени соодветни пријави