Северна Кореја објави пропагандна видео снимка со план за нуклеарен напад на САД, според кој треба да се лансираат четири нуклеарни бомби врз САД.
Меѓу целите кои Северна Кореја сака да ги погоди се Вашингтон, Лос Анџелес и Хаваи.
Снимката е објавена во сабота на интернет страна, која е во сопственост на севернокорејската влада.
Напнатоста на Корејскиот полуостров и понатаму е голема. Северна Кореја ја отфрли понудата од својот јужен сосед за започнување на преговори, бидејќи смета дека се работи за измама која би требало да ја прикрие агресивноста на Јужна Кореја.
Американски извори тврдат дека се очекува Северна Кореја наскоро уште еднаш да го тестира својот ракетен потенцијал, но нови нуклеарни тестови не се очекуваат.
Северна Кореја им се заканува на САД, но Американците веруваат дека таа нема проектили со кои би можела да ги погоди, пренесуваат американски медиуми.
Елена Георгиевска