Членовите на Кризниот штаб, утрово побараа одговорност од министерот Наќе Чулев поради непостапување за спроведување на мерките за заштита од коронавирусот, дознава „А1он“.
Според нашите извори на состанокот биле посочени низа примери преку кои се увидело дека полицијата со која раководи Чулев не постапувала при прекршување на уредбите донесени за спречување на ширењето на коронавирусот од страна на Владата. Такви биле примерите за непостапување на полицијата при групирање на јавни простори, неносење на маски, како и непочитување на мерката за држење на дистанца од најмалку два метри.
Од техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, било побарано да не го загрозува здравјето на граѓаните, да постапува согласно уредбите на Владата донесени за заштита од коронавирусот, а не селективно, како што членови на Кризниот штаб сметаат дека се работело досега.
На состанокот, од Чулев немало објаснување ниту зошто вчера полицијата не го спречила групирањето на навивачките групи Комити и Војводи пред црквата Свети Спас, ниту пак, презела дејство за да не се прекршуваат донесените уредби, велат извори за „А1он“.
Членовите на кризниот штаб изразиле сериозна загриженост за улогата на структурите од МВР и за неодговорното однесување, со што, според нив, директно се става во ризик здравјето на граѓаните.