Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, по речиси еден месец од инцидентот што го предизвика неговиот советник Зоран Ѓорѓиевски во Тетово за време на полициски час, во телевизиско интервју го потврди настанот. Тој кажа дека за инцидентот е известен и Одделот за внатрешна контрола, иако претходно од неговиот кабинет за „А1он“ тврдеа дека не е евидентиран таков настан, ниту, пак, е доставена белешка до министерот. Сега, Чулев кажа дека се постапува, но не и дека е утврдено прекршување направено од неговиот советник, ниту, пак, дека му е изречена санкција. Министерот вели дека Ѓорѓиевски е пријавен бидејќи несоодветно ја извршувал контролата на полицијата, која, пак, го контролирала полицискиот час.
„До овој момент во Одделот за внатрешна контрола нема пријавено ваков настан ниту е доставен некаков службен материјал во врска со ова. До денес не постои никаква службена белешка доставена до кабинетот на министерот за внатрешни работи или каков било материјал за известување за настанот“, одговорија кратко од кабинетот на Чулев два дена по инцидентот, односно пред речиси еден месец.
Во изминатиот период од еден месец редакцијата на „А1он“ трипати бараше информација од кабинетот на министерот Чулев за тоа што пишува во службената белешка што ја напишал полициски службеник од БПС Тетово, откако Ѓорѓиевски викајќи му се заканувал дека ќе трпи последици затоа што го сопрел со возилото за време на полицискиот час, но оттаму молчеа.
Но и покрај тоа, министерот Чулев, кој синоќа во телевизиско интервју изјави дека неговиот советник вршел контрола врз полицијата, не објасни дали според систематизацијата и Законот за внатрешни работи, Ѓорѓиевски смеел да извршува такви задачи и кој ја дал таквата наредба. Притоа, според извори на „А1он“, советникот Ѓорѓиевски бурно реагирал откако бил сопрен со возилото, за дури потоа да го натера полицаецот да се повлече во станица. Чулев во гостувањето не објасни дали смеел, зошто и по кој основ била издадена наредбата за повлекување од страна на советникот Ѓорѓиевски до полицискиот службеник.
Советникот има соодветна функција и надлежност само во кабинетот на министерот и тој не може да врши контрола на полициски службеници и да им издава наредби, бидејќи за тоа е задолжен старешината.
Одговори од кабинетот на министерот Чулев на прашањата од „А1он“ и натаму нема. Оттаму молчат и за тоа дали некој се обидувал да ја сокрие службената белешка поднесена против советникот, бидејќи претходно Одделот за внатрешна контрола ја немаше добиено, ниту, пак, беше постапувано по истата.