Психолошко советувалиште функционира во рамки на Општинската организација на Црвен крст Кавадарци. Оттаму информираат дека од 17 март наваму, објавени се телефонски броеви на кои сите што имаат потреба, можат да побараат психолошка и психосоцијална помош.
Целта е, како што нагласуваат, да се помогне на луѓето на кои во овој период им е потребна ваков вид поддршка. Сите заинтересирани од општините Кавадарци и Росоман можат да се јават секој ден од 10 до 14 и од 17 до 19 часот.
-Појавата на новиот вирус Ковид – 19 и прогласувањето на пандемија, како и вондредна состојба во нашата земја, секако предизвика загриженост кај сите нас. Многумина во овој период ќе бидат вознемирени и исплашени, додека пак, оние што се директно погодени на различни начини од вирусот, може да бидат во голема паника, страв и грижа, појаснуваат од кавадаречкиот Црвен крст.
Притоа нагласуваат дека грижата за здравјето воопшто, со акцент на менталното здравје, е многу важно да ја негуваме во овој период, со цел соодветно справување со кризата, како и справување со последиците кои ќе произлезат понатаму.