Премиерот г. Оливер Спасовски, амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз, и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, го посетија магацинот за дистрибуција на Црвениот крст за да им изразат благодарност на сите професионалци кои работат на превенција и заштита од коронавирусот.
Во соопштението на УНИЦЕФ се вели дека САД одвоиле 1,1 милион американски долари во напорите за борба против Ковид-19 во Северна Македонија преку грант од УСАИД.
„Од вкупната сума, 500.000 долари се наменети за поддршка на напорите на Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) кој ќе помогне во запирање на натамошното пренесување на Ковид-19 во земјата и во намалување на ефектите од пандемијата врз семејствата и децата, со фокус врз најранливите граѓани“, стои во соопштението.
Средствата ќе се искористат за јакнење на комуникацијата со граѓаните и вклучувањето на заедниците од најголем ризик, преку пораки според возраста и полот за да се спречи ширењето на Ковид-19, психо-социјална поддршка и упатства за родителите и старателите; обезбедување неопходни хигиенски и други материјали потребни за заштита од Ковид-19, вклучувајќи сапун, детергенти и прибор за хигиена за центрите на изолација и домаќинствата од најголем ризик, како и за населението што е најранливо на ширење на инфекцијата, каде спаѓаат малцинските заедници, како Ромите и децата згрижени од државата, и поддршка за собирање и анализа на податоци за подобро справување со вонредната состојба предизвикана од Ковид-19.
„Додека земјата спроведува критични јавно-здравствени мерки за да го забави ширењето на вирусот, не смееме да заборавиме да им посветиме посебно внимание на децата и семејствата кои веќе се соочени со секојдневни предизвици поради сиромаштија, исклученост и негативни искуства. Пандемијата претставува екстремен предизвик, кој уште повеќе ги зголемува секојдневните проблеми. Горди сме што соработуваме со многу партнери кои неуморно работат за да им го олеснат животот на сите и за да ја пребродиме оваа криза заедно, особено насочувајќи се кон најранливите во нашата заедница“, рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Со поддршка од УСАИД и УНИЦЕФ, 1000 пакети хигиенски производи ќе бидат дистрибуирани за семејствата од Шуто Оризари, 500 пакети за семејствата од населбата Тризла, Прилеп, 500 пакети за семејствата од Бајро, Битола, 250 пакети за семејствата од населбата Керамидница, Гостивар и 100 пакети за семејствата од населбата Црник, Делчево.