Нездравите опции на храна и пијалаци се широко достапни и интензивно се промовираат во и околу училиштата во Македонија, додека здравите опции се ограничени, покажува првата национална проценка на нутритивните средини во училиштата.
Истражувањето е спроведено во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, со поддршка од УНИЦЕФ, а опфатени биле 40 основни и средни училишта и околу 1.700 ученици.
Наодите покажуваат дека во сите училишни средини преовладуваат нездрави производи, што директно влијае врз навиките во исхраната кај децата и го отежнува изборот на здрава храна.
Според проценката, во услови кога нема национална програма за училишна исхрана, многу ученици купуваат храна од училишни продавници или автомати. Во сите училишта каде што се продавала храна – што претставува 20 проценти од опфатените училишта – понудата била целосно составена од нездрави производи.
Дополнително, речиси сите ученици имаат пристап до продавници во близина на училиштата, каде што доминираат засладени пијалаци и ултрапреработена храна богата со шеќер, сол и масти.
Истражувањето покажува дека 35 проценти од училиштата обезбедуваат оброци кои ги исполнуваат националните стандарди за исхрана, но нездравата храна често се појавува во училишните ужинки.
Од друга страна, учениците изразиле силна поддршка за поздрава училишна средина. Над 80 проценти од испитаниците поддржуваат обезбедување здрави и хранливи оброци во училиштата, 60 проценти сметаат дека намалувањето на достапноста на нездрава храна би им помогнало да избираат поздраво, а 85 проценти велат дека храната во училиштата треба да биде достапна по прифатлива цена.
„Децата растат и учат во средини каде што нездравата храна е широко достапна, видлива и интензивно се рекламира, додека поздравите опции остануваат ограничени“, изјави претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Лесли Милер.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека училиштата имаат клучна улога во создавањето здрави навики кај младите.
„Квалитетната исхрана е извор на добро здравје, енергија и виталност, што им овозможува на децата правилен раст и напредок“, рече Јаневска.
Министерот за здравство Азир Алиу оцени дека наодите бараат „посилен и координиран институционален одговор“ за создавање поздрава и побезбедна нутритивна средина за децата.
Во проценката се препорачува зајакнување на стандардите за училишна исхрана, ограничување на продажбата на храна и пијалаци богати со шеќер, сол и масти, како и воведување построги правила за рекламирање на ултрапреработена храна и засладени пијалаци.
Паралелно, УНИЦЕФ и партнерите ја започнуваат кампањата „#ШтоИмаЗаЈадење“, создадена заедно со деца и адолесценти од пет училишта низ земјата, со цел да се подигне свеста за потребата од поздрава училишна исхрана и помала изложеност на реклами за нездрава храна.
