Здружението на историчарите на Република Македонија (ЗИРМ) денеска преку соопштение протестира во врска со амандманот 8 на Резолуцијата за Република Македонија усвоена од страна на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, со кој, како што велат оттаму, всушност, се бара ревидирање на македонската историја.
– Здружението на историчарите на Република Македонија пред сè сака да нагласи дека е апсурдно што политички институции воопшто се занимаваат со вакви прашања. Ова се прашања со кои треба да се занимаваат историчарите, а не политичарите, вклучувајќи ги и оние од Европскиот парламент. Сметаме дека ваквата практика е преседан во меѓународните односи и директно мешање на политиката во историската наука. Повикувајќи ги властите во Македонија да ги променат образовните содржини, самиот Европски парламент сака да ја стави политиката над науката и објективната вистина. Уште еднаш потенцираме дека научноистражувачката дејност, а во тие рамки и историјата, не смее да биде предмет на политички диктат и влијание, се посочува во соопштението од ЗИРМ.
Според нашето мислење, посочуваат од Здружението на историчарите, заемното почитување на идентитетот, историјата, културата, јазиците и на традициите се основа за добрососедство и заедничко разбирање на сите држави, вклучувајќи ги и Република Македонија и Република Бугарија.
– Историското помирување на двата народи, како што е наведено во амандманот, не треба да значи проблематизирање на вредностите што се создавани во текот на изминатите векови. Затоа се прашуваме дали барањето за надминување на „идеолошката интерпретација на историјата“ во македонските учебници подразбира соодветна постапка и во однос на бугарските прирачници по историја. Оттука, препораките за формирање комисија со заеднички експерти за историја и образование треба да се земат предвид само доколку таквата комисија придонесе за една објективна научна интерпретација на историјата, која нема да засегне кој било аспект од македонскиот идентитет за сметка на бугарскиот, се вели во соопштението.
Во него се додава дека и едно не толку задлабочено исчитување на македонските учебници по историја што во изминатиов период се применуваат во наставата во Република Македонија ќе покаже дека е забележлив сериозен напредок во поглед на примената на современата научна и образовна методологија во конципирањето како на наставните програми и содржини така и во составувањето на прирачниците и во таа смисла, како што посочуваат од Здружението, важно и кај нашите соседи да е присутна истата тенденција во третирањето на историјата.