„Заеднички и солидарно, преку почитувањето на мерките за заштита на здравјето, како и преку конкретни мерки за директна поддршка на граѓаните ќе ја надминеме здравствената и економската криза којашто ја наметна вирусот Ковид-19. Со пакетот економски мерки во вредност од 200 милиони евра, што го обезбеди Владата предводена од СДСМ, се обезбедува значајна помош за препријатијата, за работниците, за занаетчиите, но и за оние што се дел од неформалната економија.
Домаќинствата кои останале без приходи или биле дел од неформалната економија имаат право на гарантирана минимална помош во висина од 4 до 10.000 денари, преку брз пристап во системот за социјална заштита“, се вели во соопштението од СДСМ.
„Износот на правото зависи од бројноста и структурата на домаќинството и се движи од 4.000 денари за едночлено домаќинство до 10.000 денари за домаќинство сочинето од 5 возрасни членови. Домаќинствата кои користат гарантирана минимална помош, ќе остварат и паричен додаток од 1.000 денари заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците април и мај 2020 година. За граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надомест – месечна плата, во висина од 50 проценти од просечната плата на работникот во последните 24 месеци, согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност“, се додава во него.
„Обезбедени се сериозни финансиски олеснувања, се одложува наплатата на кредити, наплата на закуп на социјалните станови, а извршните дејствија од страна на извршителите се стопирани. Мерките што се преземаат опфаќаат помош за 250.000 работни места и 35.000 компании, како и социјално загрозените граѓани. Во духот на солидарноста помагаме на оние кои се погодени од кризата и не дозволуваме никој да не остане без приход во овие тешки времиња. Само заедно, солидарно и одговорно можеме да победиме во борбата со коронавирусот и неговите последици“; велат од СДСМ.