Патниците не ги напуштаат крузерите од 14 март, а од 22 март се наоѓаат во самоизолација во своите кабини.
Крузерите на кои се наоѓаат патниците заразени со коронавирус добија дозвола да се закотват во пристаништето во Флорида, пренесува „Скај њуз“.
На крузерите „Зандам“ и „Ротердам“ им е одобрено да влезат во пристаништето во Порт Еверглејдс на Флорида, по неколкудневни преговори со локалните власти.
Четири постари лица починаа на „Зандам“, а најмалку две како последица од вирусот, соопштија од компанијата „Карнивал Корп“, во чие сопствеништво се овие крузери.
Компанијата, исто така, потврди дека претходно оваа недела девет лица од крузерот се регистрирани како позитивни на тестот за коронавирус.
Од компанијата „Холанд Америка лајн“, која е оператор за крстарењата, објавија 45 патници кои се заразени и покажуваат благи симптоми на болеста ќе останат на крузерите додека не оздрават, а 10 патници ќе треба да бидат пренесени во болница во Порт Еверглејдс поради итно лекување.
Патниците и персоналот кои не покажуваат никакви симптоми на болест ќе бидат пренесени до аеродромот со автобус, но нема да им биде дозволено да бидат на терминалите до поаѓањето на авионите, туку веднаш ќе бидат сместени во нив.
Трансферот на патниците ќе се изврши во согласност со препораките на Американскиот центар за контрола и превенција на болести.
Патниците ќе носат маски, а нивниот контакт со други лица ќе биде ограничен.
Повеќето од нив ќе бидат пренесени до нивните домови со чартер летови.
На „Зандам“ има 442 патници и 603 членови на екипажот, додека 802 патници и 583 членови на екипажот се на „Ротердам“.
„Зандам“ и „Ротердам“ беа на море три недели откако се вратија од пристаништата во Јужна Америка и за тоа време не им беше дозволено да се закотват во САД.