Министерството за внатрешни работи има информации за злоупотреби на дозволите за движење во ноќна смена од компании кои добиле такви дозволи, извести заменик – министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска. Сите информации ќе бидат проверени, а за евентуалните сторители заменик – министерката најавува најстроги казни.
„ Почнавме истрага која треба да ги потврди или да ги отфрли добиените информации. Доколку има и еден случај на злоупотреба, ќе постапиме крајно рестриктивно и ќе ги примениме сите мерки кои ни стојат на располагање. Нема да се двоумиме тие лица да ги лишиме од слобода, да побараме притвор и затворски казни за евентуалните сторители“, рече заменик – министерката Петровска.
Доколку се утврди злоупотреба МВР ќе побара ограничување или одземање правото за движење во време на полициски час на фирма која ја сторила злоупотребата, а лицата кои го сториле тоа ќе бидат гонети за кривично дело.
„Свесни сме дека мерките за ограничување на движењето не се воопшто едноставни мерки. Свесни сме дека ги ограничуваме нашите животни навики но недозволиво е поединци да мислат дека може да го изиграат законот“, вели заменик – министерката Петровска.