Од Министерството за информатичко општество и администрација ги демантираа информациите дека деновиве во Северна Македонија се прават тестирања за 5Г мрежа.
– Владата на Република Северна Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација, најодговорно тврдат дека во нашата држава нема пуштено во употреба 5Г мрежа. Дополнително, ги информираме граѓаните дека надлежните институции немаат спроведено постапка за доделување на фрекфенции за 5Г мрежа. Од тука сите грижи за ефектите од 5Г мрежата врз здравјето на граѓаните се неосновани. Информациите кои се појавија во јавноста, дека деновиве се прават тестирања се неточни, соопштија од МИОА.
Од Министерството наведоа дека во нашата држава до сега се направени само две тестирања и тоа, едно во 2018та година во органичени и строго контролирани лабараториски услови, и второ тестирање во 2019та година, на ограничен простор.
– Ги повикуваме сите извори на лажни вести, да престанат со објавување на дезинформации кои имаат единствена цел да создаваат недоверба и паника кај граѓаните. Исто така, апелираме сите граѓани внимателно да бираат од каде се информираат и да ги проверуваат изворите на информации, апелираа од МИОА.
Од Министерството истакнаа дека лажните вести имаат непроценлива штета, особено во вонредни ситуации како што е оваа со корона вирусот и кај нас и во светот.
– Одговорноста е на сите нас да придонесеме кон намалување на ризиците. Тоа може да го направиме само ако сме доволно и точно информирани, од релевантни и проверени извори, нагласија од МИОА.