„Мора да бидеме внимателни. Никој не го очекуваше ова, но ете, мораме да бидеме постојано дома, поради свое добро и поради доброто на сите. Изолацијата нè научи да бидеме посолидарни“, вели Биљана Дудева, Македонка која живее во Равена, Северна Италија, едно од подрачјата кои се со висок степен на ризик од коронавирусот.
По прогласувањето на пандемијата, Италија е празна.
Дудева вели дека излегува да пазари само еднаш во неделата и тогаш се купуваат најнеопходните работи. Контактите со други луѓе се сведени на нула.
„Нашите соседи живеат еден кат над нас, тие ни се како фамилија. Фактички, живееме во иста куќа. Но, сега веќе не пиеме ни кафе заедно. Разговараме преку балкон и тоа е сè. Свеста е веќе на многу повисоко ниво, препораките се следат до последна точка“, раскажува Дудева.
Во својата колумна пред извесно време, таа за „А1он“ опиша како се чувствува откако во Италија почна да расте бројот на луѓе заразени од коронавирусот. Оттогаш, ситуацијата ескалира. Прво беа воведени ригорозни мерки, а потоа веќе и целосна изолација.
„Вчера плачев кога дознав дека е прогласена пандемија. Денеска, веќе сум смирена. Поради тоа што наеднаш станав дека секој сега внимава на своето однесување, за доброто на сите“, вели таа.
Сè е празно, раскажува Биљана. Работат само маркетите, аптеките, дистрибутерите и производителите за храна, поштата и јавниот превоз. Надвор не смееш да се движиш рекреативно, а доколку те сретнат на улица контролорите, мораш да имаш дозвола за движење. Кажуваш каде одиш точно, ти го потпишуваат документот, а ако се движиш рекреативно, следува казна.
„Не сретнувам дури ни луѓе што ги шетаат кучињата“, вели таа.
Кога ја прашавме дали има гужва по маркетите, таа ни испрати фотографија и ни рече: „Еве, проценете сами. Ова е паркингот пред најголемиот маркет“.
„Паника има секако, но има голема солидарност. Сега почнавме да се грижиме еден за друг. Постојано сме во контакт со Македонци во Италија, си праќаме дури и видеа за поддршка, тоа добро ни делува психички. Постојано има телопи на сите телевизии како треба да се однесуваме, што да правиме за да се заштитиме, каде да се обратиме во случај на обичен грип или коронавирусот. Сега е најважен менталниот склоп, да прифатиме дека е потребно да бидеме извесно време дома, за доброто на сите нас, не само за Италија, туку за цел свет“, вели Биљана.
Таа вели дека сега, со новите мерки за изолација, со сопругот почнуваат да прават работи кои одамна не ги правеле.
„По 10 години конечно повторно играв Ризико. Садам цвеќиња. Преуредувам плакари. Мојата свекрва го извадила стариот синтисајзер и учи да свири песни од Јутјуб. Едноставно, сега денот го вреднуваме повеќе“, раскажува девојката која дури и преку интернет-врска, зрачи со оптимизам:
„Верувајте, се случуваат и убави работи. Луѓето се заблагодаруваат на докторите и сестрите, пишуваат на платна и на плакати и ги оставаат пред болниците. Децата цртаат виножита, ги лепат на влезовите и пишуваат дека ‘се ќе биде во ред’. И ќе биде.“