Северна Кореја ја повтори денеска заканата дека ќе ја затвори индустриската зона во Кесон, каде што работат 123 јужнокорејски компании.
Според севернокорејската информативна агенција, тоа ќе се случи „ако Владата на Југот продолжи да упатува навреди кон Северот и да се заканува со воени дејствија“.
– Марионетите конзервативни групи и нивните медиуми одбија да ја запрат конфронтацијата и продолжуваат да тврдат дека ние нема да смееме да ја затвориме зоната во Кесон, затоа што таа е извор на приходи, се вели во соопштението на агенцијата.
Понатаму се истакнува дека ако таа практика не биде прекината Пјонгјанг ќе ги повлече работниците од фабриката во индустриската зона.
Во јужнокорејските фирми во Кесон работат 50.000 Севернокорејци.