Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти денеска дека Пекинг изразил „сериозна загриженост“ поради ситуацијата на Корејскиот Полуостров пред амбасадорите на САД, Јужна Кореја и Северна Кореја.
Ова се случи откако Северна Кореја го оневозможи пристапот до индустрискиот комплекс Кесон, во кој работи, заедно со Јужна Кореја.
Пекинг се надева дека Пјонгјанг и Сеул можат да ги надминат своите разлики, преку преговори, нагласи кинеското МНР.
Севернокорејските власти не им дозволија денеска на јужнокорејските работници стигнат до работните места во заедничкиот индустриски комплекс Кесон, соопшти Министерството за национално обединување во Сеул и очевидци.
Претставник на Министерството додаде дека неколку стотини Јужнокорејци, кои во моментот се на смена во индустриската зона, ќе имаат право да ја напуштат.
Јужнокорејската Влада ги презема сите неопходни мерки, за да ја гарантира безбедноста на своите граѓани на територијата на комплексот, истакна тој.
Во Кесон дејствуваат 123 јужнокорејски фирми, кои обезбедуваат прехрана на 50.000 севернокорејски работници, кои произведуваат евтини животни намирници. Комплексот создаден во почетокот на 21 век како формана меѓународна соработка, обезбедува трговска размена на две милијарди долари годишно за Северот.
САД претходно испратија два ескадрон ракетни носачи кон Корејскиот полуостров, за зајакнување на противракетната одбрана во регионот, јави ДПА.
Портпаролот на Пентагон Џорџ Литл изјави дека бродовите „Џон Меккејн“ и „Декатур“, вооружени со ракети „Иџис“, ќе бидат распоредени на однапред одредени позиции. Сепак, тој не потврди дека распоредувањето е одговор на зголемените тензии со Северна Кореја, истакнувајќи дека бродовите се испратени во регионот, а не конкретно на севернокорејските брегови.
Литл не потврди дека САД го зголемуваат военото присуство во регионот, нагласувајќи дека одговорот на САД е претпазлив, логичен и одмерен.
Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека САД ќе се бранат и ќе се заштитуваат себе си и Република Кореја, која е соочена со заканите од Северна Кореја.
На прес-конференција со јужнокорејскиот министер за надворешни работи Јун Биунг-се, американскиот секретар Кери ја опиша сегашната севернокорејска воинствена реторика како „неприфатлива“.
Властите во Пјонгјанг презедоа низа офанзивни чекори по извршувањето на својата трета по ред нуклеарна проба.
Северна Кореја отпочна со својата борбена реторика и заканите кон југот на Корејскиот Полуостров и кон САД, откако ОН ги заострија и онака тешките санкции против властите на Северот по нивната последна нуклеарна проба, а посебно по одржувањето на редовната, годишна американско-јужнокорејска воена вежба.
Пентагон веќе испрати три моќни воени бродови-разурнувачи, вооружени со ракети, во регионот на Корејскиот полуостров. Бродовите се подготвени да одговорат на секоја ракетна закана кон нашите сојузници, или кон САД, изјави претставник на Министерството за одбрана во Вашингтон.
Официјален Пјонгјанг во понеделникот најави повторно активирање на главниот нуклеарен комплекс во Јонгбјон, што државниот секретар Џон Кери го оквалификува како „провокативен и сериозен чекор“.
Генаралниот секретар на ОН Бан Ки Мун повика на итни разговори, откако рече дека кризата на Полуостровот „веќе отиде предалеку“.
Франција сака Кина која има влијание врз Северна Кореја да се вмеша во кризата. Тоа го изјави денеска шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус кој не исклучува можност режимот во Пјонгјанг да употреби нуклеарно оружје.
– Побаравме состанок на Советот за безбедност и упативме молба да се вмешаат Кинезите кои имаат влијание врз Северна Кореја, изјави Фабиус за телевизијата Бе-Еф-Ем.
Тој најави дека следната недела ќе замине во посета на Кина. Фабиус додаде дека стравува оти Пјонгјанг може да употреби нуклеарно оружје.
– Тоа се толку непредвидливи луѓе и ништо не е исклучено, изјави тој.
– Една првокација може да излезе од контрола, а новиот диктатор на Северна Кореја очигледно поседува нуклеарно оружје, како и ракети. Во таква состојба рестартирање на еден нуклеарен реактор може да има тешки последици за Северна Кореја, за Јапонија и за Кина, предупредува Лоран Фабиус.