Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) организираше консултативна дебата за новиот механизам за финансиска поддршка на младите креативци.
ФИТР подготви „Правилник за финансиска поддршка на научно-технолошката извонредност и претприемништвото кај учениците и младите“ – нацрт документ кој има за цел да ги утврди правилата според кои ќе се доделува финансиска и техничка помош на талентирани деца и нивните ментори.
Претставници на повеќе образовни институции и граѓански здруженија кои учествуваат на дебатата го оценија овој чекор како позитивен дополнувајќи го со свои сугестии и коментари кои ќе бидат земени во финализирањето на правилникот.
Оваа мерка е наменета за сите образовни установи и здруженија кои спроведуваат активности за поддршка на талентирани ученици и студенти или работат на развој на претприемачки способности кај младите.
“Ова е процес со кој вистински и конкретно ќе вложиме во иднината на оваа држава.
Бидејќи вложување во младите е вложување во нашата иднина”, вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Инаку со овој механизам поддршката за научно-технолошка извонредност и претприемништво кај учениците и младите ќе се доделува во вид на грант во износ од минимум 30.000 денари до максимум 600.000 денари.
Грантот може да го покрива целиот износ на потребното финансирање за предвидените активности. Кофинансирањето обезбедено од други извори, ќе се земе во предвид при бодувањето на апликациите.
Нацрт документот во следните 15 дена ќе биде објавен и на веб страната на Фондот (www.fitr.mk) со цел и пошироката јавност да се вклучи со конструктивни коментари и сугестии. Финалната верзија на документот потоа ќе биде доставена до Владата на Република Северна Македонија.
Оваа мерка е дел од пошироката иницијатива на ФИТР од почетокот на 2019 за крерирање на т.н „Фонд за млади умови“- системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.
ФИТР само во изминатата година има инвестирано околу 20 милиони денари во реализација на програми наменети за млади и деца од различни возрасти, со цел поттикнување на нивното критичко размислување и иновативност.
Преку програмите на Фондот до сега се поддржани 54 средни и основни училишта со над 500 вклучени ученици и ментори.