Искрено се надевам како за германските, така и за македонските инвеститори во земјата, дека ќе се постигне јакнење на државните институции и правна и долгорочна сигурност при процесите на планирање, вели директорот на Делегацијата на германското стопанство во земјава Патрик Мартенс во утринска телеграма на Делегацијата во која се осврнува на најновите статистички податоци за економските показатели во државава објавени во јануари годинава од страна на Министерството за финансии.
Покрај ова, истакнува Мартенс, потребно е и градење на експертиза која ќе умее да пристапи до досега неискористените фондови на ЕУ, што ќе даде нов импулс на стопанството.
Како што наведува Мартенс, македонското индустриско производство во 2019 година се зголеми за 3,7 проценти како одраз на растот од 2,4 проценти, во преработувачката индустрија и 16,6 проценти во снабдувањето со енергија, додека во секторот рударство имаше пад од 1,9 проценти.
– Во јануари 2020 година, Народната банка ја намали основната каматна стапка за 25 основни поени и се постигна историско ниско ниво од два процента. Ова е прва промена од март 2019 година, при што одлуката се заснова на поволните трендови на девизниот пазар, како и на стабилните домашни компании во услови на ниска инфлација. Вкупниот јавен долг на крајот на 2019 година изнесуваше 40,2 проценти од БДП-то за 2019 година и е помеѓу најниските во регионот. За 2019 година Министерството за финансии предвидуваше дека јавниот долг ќе изнесува 48,9 отсто од БДП-то, што укажува дека стопанството останува сидро на стабилност, истакнува директорот на Делегацијата на германското стопанство во земјава Мартенс.