Јужнокорејските вооружени сили регистрираа зголемена активност во базите за ракети со среден и голем досег на Северна Кореја, соопштија јужнокорејските медиуми.
Во соодветните региони активно се движат посебни возила и војската.
Според воени извори, единиците се ставени во состојба на готовност.
-Има можност тие да изведат реален удар, смета изворот на јужнокорејската агенција Јонхап.
Според експерти од Сеул, Северна Кореја во борбено дежурство оставила приближно илјада балистички ракети. Околу 700 од нив се модернизирани советски стандардни ракети од типот „Скад“ со далечина на летот од 300 до 500 киломтри, а уште 300 балистички ракети од типот „Нодон“ со досег од 1.300 километри.
Тие можат да уништат цели во Јужна Кореја и во поголем дел од територијата на Јапонија.
Севернокорејскиот лидер и врховен командант Ким Џонг-ун денеска го потпиша „конечниот план за техничка подготовка на стратегиските ракетни војски за нанесување удар врз континенталната територија на САД и островите Хавај и Гуам, а исто така и врз Јужна Кореја“, во случај на провокации, пренесоа претходно руските медиуми, повикувајќи се на севернокорејските државни медиуми.