Техничкиот минситер за внатрешни работи, Наќе Чулев, преку социјалните мрежи обвинува дека на насилнички начин, спротивно на Уставот и законите, се излагсал предлог-текстот за Законот за јавно обвинителство. Според него, владејачката партија изгласала закон кој во себе содржи невидени одредби со кои ќе се сокрие криминалот направен во изминативе три години.
„Во законот не се прифатени забелешките на експертите и тие вечерва се едногласни во констатациите дека овој закон претставува вистинско фијаско. Денес паѓаат во вода наводните заложбите на власта за владеењето на правото, а токму тоа е еден од клучните критериуми за започнување на преговорите со ЕУ. Носење на системски и круцијален закон без политички консезус и негово изгласување по скратена постапка ќе го поткопа и така кревкиот правен систем и наместо владеење на правото ќе донесе исполитизарано и пристрасно јавно обвинителство креирано по мерка и желба на одредена група на луѓе“, пишува Чулев на социјалните мрежи.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изминативе денови посочи дека од ВМРО-ДПМНЕ кренале раце и не очекуваат нивна поддршка за Законот за јавно обвинителство.
Последно, опозицијата одби да учествува во преговорите за новото законско решение за ЈО и побара експерти да го пишуваат законот.
Власта очекува законот да биде усвоен во Собранието до 12 февруари за кога е најавено распуштање на актуелниот пратенички сотав и распишување на предвремените парламентрани избори на 12 април.