Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата предводени од претседателката на комисијата Билјана Ивановска.
Тие го информирале Пендаровски за нивната тековна работа, активностите за време на претстојниот изборен процес, како и за Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2020-2024) што треба да биде усвоена од страна на Парламентот.
Пендаровски оценил дека стратегијата е добра основа за надминување на приоритетните проблеми кои генерираат висок ризик од корупција и изразил очекување дека имплементацијата ќе биде транспарентна, односно јавноста ќе биде постојано информирана за преземените мерки и активности. Повикал и на нејзино скорешно усвојување во Собранието.
Според Пендаровски, неопходно е системско справување со корупцијата и воспоставување на вредносен демократски систем кој ќе биде во согласност со европските стандарди и критериуми, за што, како што посочил, неопходна е јасно изразена волја на сите политички чинители во државата. Обезбедувањето на транспарентност и ефективна координација и соработка меѓу институциите, според Пендаровски, ќе придонесе кон намалување на корупцијата и консолидирањето на демократијата.