Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници од Фондацијата „Славко Јаневски“, меѓу кои беше и Јана Јаневска-Терзиоска, ќерка на Славко Јаневски и претседателка на Извршниот одбор на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности.
Тие го информираа претседателот на државата за реализираните активности во изминатите две години и го запознаа со нивните идни проекти и планови.
Најавија дека оваа година, кога се одбележува стогодишнината од раѓањето на писателот, во план е да се реализираат повеќе активности, манифестации и културни настани под мотото „Славко Јаневски во 21 век“.
Претседателот Пендаровски, искажувајќи почит кон творештвото на Славко Јаневски како истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар, изрази поддршка за работата на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ и посочи на неопходноста од поактивен ангажман на државните институции во одбележувањето на стогодишнината од неговото раѓање, соопшти Кабинетот на Пендаровски.
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ е формирана во 2017 година, пред сè, за да се зачува традицијата на наградата „Роман на годината“, којашто до тогаш ја доделуваше редакцијата на „Утрински весник“.