Северна Кореја соопшти дека има намера да ја прекине директната воена телефонска линија со Јужна Кореја, бидејќи „секој момент може да избувне војна“, соопштија светските агенции.
– Во ситуација кога секој момент може да избувне војна, нема потреба да се поддржуваат воените комуникации меѓу Северот и Југот, што беа воведени меѓу армиите на двете земји, изјави воениот портпарол, цитиран од севернокорејските медиуми.
-Нема никаков канал за дијалог и средства за комуникација меѓу Северна Кореја и САД и меѓу Северот и Југот, изјави тој.
Воената телефонска линија е поврзана со индустрискиот реон Кесон, на југот на Северна Кореја. Преку неа Северна Кореја на јужнокорејските работници им дава одобрение да влизат во објектот. Комплексот е заеднички проект на Северна и Јужна Кореја и во него работат граѓани на двете земји.
Оваа телефонска врска е последниот канал за комуникација меѓу Северот и Југот, откако Пјонгјанг ги прекина контактите на „жешката линија“ на Црвениот крст, употребувана од владите на двете држави, и ја запре комуникацијата преку „црвениот телефон“ со американските сили, кои ја контролираат демилитаризираната зона.