Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Пеце Грујовски го оквалификува однесувањето на дополнителниот заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, како непримерно, бидејќи, како што рече, тоа претставува наршување на личниот интегритет на вработените и своевиден мобинг.
„Апелираме до сите носители на јавни функции да се воздржуваат во натамошниот период до изборите од снимање, а доколку тоа е потребно за работниот процес, должни се тоа да го најават во Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за заштита на лични податоци“, рече Грујовски.
Тој посочи дека, со цел спречување на понатамошни такви случувања, Синдикатот на УПОЗ ќе ги извести и Европската и Светската федерација на синдикатите од јавниот сектор, кои, како што наведе, имаат големо влијание во европските институции.
„Носители на јавни функции да не ја злоупотребуваат јавната администрација и да не ја користат за сопствен партиски маркетинг и интереси заради остварување на изборни цели“, вели претседателот на УПОЗ.
Вчера со личен снимател дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ проверуваше дали сите вработени во подрачната единица на министерството во Берово се на работните места.
Од видео-материјалот кој го дистрибуираше до медиумите, а го објави и на социјалните мрежи, се гледаше како тој упаѓа во канцеларии и се соочува и со реакции поради тоа што без дозвола ги снима вработените.