Северна Кореја денеска ја отфрли резолуцијата на Обединетите нации за формирање на меѓународна истражна комисија, која треба да ги истражи тврдењата за кршење на човековите права во таа земја, истовремено ветувајќи дека ќе ја зајакнет борбата против САД.
Резолуцијата претставува „политичко шиканирање, кое не заслужува внимание“, изјави портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Тој исто така додаде дека резолуцијата е производ на политички конфронтации и заговори.
ОН формираа вчера меѓународна истражна комисија, која треба да го преиспита кршењето на човековите права во Северна Кореја и соопшти дека некои од тие случаи можат да „прераснат во злосторство против човештвото“.
Женевскиот форум, кој брои 47 членови, едногласно ја усвои резолуцијата, која ја понудија Европската унија и Јапонија, а ја поддржаа САД, а со која се осудува наводната тортура, недостигот на храна и отварањето на работни логори за политичките затвореници.
Тричлениот истражувачки тим треба да работи една година, се наведува во соопштението на Форумот, кој го повика Пјонгјанг да соработува во истрагата.