Еден од најреномираните македонски етно-бендови Љубојна на 22 декември во Македонската опера и балет ќе одржат акустичен концерт насловен „Љубојна unplugged“.
Вокалот на составот Вера Милошевска на денешната прес – конференција по повод претстојниот концерт најави дека на сцената ќе има многу музичари, перкусионисти, дувачи, гитаристи, проследена со дигитална сценографија во облик на шума, а фокусот ќе биде на пеењето.
– Прв пат пред македонската јавност Љубојна ќе одржи акустичен концерт кој што носи една нова широчина на звукот, повеќе фокусирана во пеењето и е своевидно ехо од сите изминати бучни, големи концерти, кои се смируваат во оваа нова амбиентална атмосфера. Целата музика ќе се фокусира во моето пеење за да јас и публиката имаме поблиска, интимна релација која најдобро ја испраќа пораката на артистот. Ќе биде една весела убава атмосфера, ќе бидеме сите на еден музички пикник, вели Милошевска.
Таа најавува и гостувања за следната година со оваа акустична верзија, а Загреб е едно од местата каде ќе настапат на пролет.
Вооедно, денеска беше презентиран и најновиот албум на Љубојна со Оркестарот на Македонската Филхармонија и Емин Џијан насловен „B.Y.Z.A.N.C.E”. Милошевска посочува дека станува збор за заеднички проект со Македонската филхармонија и содржи материјал од концертот што го одржаа со Филхармонијата на 1 февруари, годинава, под диригентската палка на Џијан Емин.
– Џијан Емин ни е и специјален гостин на овој албум, во кој што има дел и авторски теми и теми кои што прв пат сме ги поставиле на тој концерт. Некои од нив ќе бидат дел и на овој концерт, особено што Севдо ле е тема која го најавува ова наше анплагд издание и за која снимивме видео и која меѓу другото ја поддржува оваа зелена револуција која деновиве се одвива и ја бараме, вели Милошевска.
Емин од своја страна истакна дека овој проект е круна на долгогодишната соработка и дружење со Вера и Оли, а целиот процес вели за него беше многу интересен и инспиративен, а издавањето на албумот сепак нагласува, беше техничко-финансиски комплициран зафат.
– Мене ми беше многу убав процесот додека ги правев аранжманите и оркестрациите. Самиот концерт кој што беше на некој начин егзекуција на целиот процес ми беше прекрасно искуство. Вера фатастично ги испеја сите композии, Оли бендот го водеше на едно супер ниво, а јас Филхармонијата заедно со Оли. Беше тоа една убава заедничка позитивна борба, и на крај тоа вроди со многу позитивна енергија на самиот концерт, вели Емин кој очекува наското да се одржи и концертна промоција на овој албум.
Инаку, на 22 декември, во исто време кога е акустичниот концерт на Љубојна,тој ќе одржи концерт заедно со Војвоџанскиот симфонски оркестар заедно со Миртил, пејачка од Будимпешта, а ќе настапат со еден проект со изведба на француски шансони.
На албумот се поместени осум нумери, две од нив се авторски – Севдо ле и Горки чувства, слатки немири кои се батени на текстови од Милошевска, а музиката е на Оливер Јосифовски. Останатите нумери се традиционални, аранжирани и преработени теми прв пат објавени на нивен албум. Ова е 12 по ред албум на „Љубојна“.