За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до вчера „штетниот договор со Бугарија“, стана пријателски, па дури прозборе и на бугарски на средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов на состанокот на сестринските партии во Загреб. Претседателот на најголемата опозициска партија до вчера остро го критикуваше договорот за добрососедство, дека со ставањето потпис на овој договор се губат историјата, идентитетот и македонскиот јазик на македонскиот народ.
„Во овој договор имаме срамна формулација за дефинирање на македонскиот јазик, немаме симетрија на правата, што значи договорот не е еквивалентен. Со договорот не се дефинира македонскиот народ како реална и идентитетска посебност, а Зоран Заев срамно и недостојно се откажува од грижата на македонското национално малцинство. Договорот предвидува опасна можност за промена на македонските учебници и останатите идентитетски обележја кои се дел од нашето историско наследство“, изјави Мицкоски.
За Мицкоски, по средбата со премиерот на Бугарија стана прифатлив договорот за добрососедство. На снимката што ја објави Борисов, Мицкоски на бугарски јазик вели дека нема дилема за договорот.
„Сè што може да биде позитивно и за двете страни, и за Македонија и за Бугарија, ние поткрепуваме. И тука не треба да има дилема“, одговори категорично Мицкоски.
Во кампањата што ја водеше ВМРО-ДПМНЕ за зачувување на индентитетот на македонскот народ, се организираа протести пред Владата, пред Собранието, во кои лидерот Мицкоски велеше дека е човек со образ и промена на устав, пазарење со национални интереси не би прифатил.
„Влегов во политиката затоа што ми е важна Македонија. Иднината на моите граѓани и на моите деца. За мене достоинството и честа градени со години немаат цена. И ми паѓа тешко кога некој си игра со достоинството на овој народ и ја распродава честа како на пазар“, изјави Мицкоски на митинг пред Владата минатата година.
На видео каналот на ВМРО-ДПМНЕ има и видео со делови од изјави на бугарски политичари во кое опозициската партија им праќа порака на граѓаните зошто е против договорот кој е штетен за македонскиот народ и нација.
Мицкоски во денешната изјава, по излегување на видеото со Борисов, не беше јасен дали стои на ставот што го изнесе пред бугарскиот премиер.
„Нашиот став е познат, тој е непроменет, многу пати повторен во минатото и како политичка партија, како ВМРО-ДПМНЕ. Мојата изјава што ја рефлектирав вчера беше дека ВМРО-ДПМНЕ и јас лично поддржуваме сè што е добро и за Македонија и за Бугарија“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.