Во Кривичниот суд во Скопје в среда судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, треба да ја изрече по вторпат пресудата за ексначалникот на петтата управа во МВР, Горан Грујевски, кој избега во Грција.
Денеска во судот обвинителката Ленче Ристоска ги даде завршните зборови. Грујевски е обвинет за фалсификување службена исправа.
Тој беше осуден во отсуство на една година и шест месеци затвор во предметот „Тврдина 2“ за уништување документи, од кои, некои биле поврзани со набавката на опремата за прислушување, но Апелација го врати предметот на повторно судење.
Шесте службенички вработени во Управата беа осудени на условна казна. Пет од нив беа осудени на условна казна од 9 месеци, а една од нив на 2 години. Апелација им ги потврди казните.
Речиси 3.000 документи биле уништени во црни кеси за ѓубре во базата на МВР во „Брест“ во близина на селото Петровец.
Грујевски избега во Грција заедно со Никола Бошкоски, кога требаше да бидат притворени со одлука на Врховниот суд.
„Тврдина 2“ е првото обвинение на СЈО поднесено во 2016 година, а досега се сменија три судијки.