Судството гласно за платите, молк за нефикасноста и застарувањето на предметите

Од:

Протестот на судската администрација повторно ги отвори прашањата за функционирањето и ефикасноста на македонското судство. Нивните барања добија јавна поддршка од судиите, на кои министерката за правда Рената Дескоска им забележа дека, како што се ревносни во поддршката, така треба да реагираат и за застарените предмети и криминалот во своите редови.

– Жално е што не слушнавме став од сферата на судството за прашањата заради кои судството е со најниска доверба меѓу граѓаните. Очекувавме реакција и од судиите и од претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судски постапки заради што криминалот останува неказнет. Очекуваме реакција и од судиите и од судската администрација за одредени сомневања за криминални дејства во нивните редови за кои не видовме кривично гонење и кривични постапки. На пример, видеоклипот што го виде целата јавност и се споделуваше на социјалните мрежи во кои се тргува со судски предмети од страна на вработен во судската администрација, изјави вчера Дескоска.

Таа ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да почне сериозна постапка за проверка на анкетните листови на судиите и на тој начин да се искористат постојните законски можности за ветинг во судството, но најави и сериозни разговори со Европската Унија за целосен ветинг на судството.

– Потребни се постапки со кои судството ќе се врати на листата на институции со доверба. За жал, гласот од редовите на судството го слушаме само тогаш кога станува збор за распределба на плати. Судството има најмалку легитимитет да зборува на оваа тема имајќи предвид што сè се направи со алоцирање средства во рамки на судството и имајќи ги предвид и резултатите од нивното работење, порача Дескоска.

Јавна поддршка на протестот на судската администрација даде колегиумот на судии и Здружението на судии од Основниот кривичен суд во Скопје.

– Тука сме заедно со судската управа на Кривичниот суд Скопје за да им дадеме поддршка на судските службеници. Сметаме дека заслужуваат повисоки плати и примања. Станува збор за едни од највредните службеници генерално во државата заедно со здравствените и просветните работници и во таа смисла сметам дека и судските работници треба да имаат, по разни основи, повисоки примања. Тие навистина имаат стресна работа, имаат многу работа и не гледам зошто не би ги поддржале. Не гледам проблем ниту во Судско буџетскиот совет и ние судиите и советот ги поддржува судските службеници во нивните барања. Очигледно е дека во минатото платите се зголемувани и таа тенденција треба да продолжи, изјави вчера претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев.

Според Дескоска, Џолев, наместо да дава поддршка, треба да реагира за застарените предмети во неговиот суд.

– Јас искрено очекувам претседателот на Кривичниот суд во Скопје да излезе со протест, влијание врз своите колеги зошто некои судења не се закажуваат по три месеци, зошто застаруваат предмети во неговиот суд. Тоа се дилеми и прашања што ги поставува јавноста и за кои очекува одговор. Тоа се прашања што јавноста ја интересира. Инаку многу е лесно да протестирате и да му дадете поддршка на некој што протестира, рече Дескоска.

Гласноста во рамки на судството, како што оцени, треба да се слушне за случаи како што е бегството на специјалецот Игор Спасов, а кои, потенцираше ги поткопуваат темелите на судството и на целокупниот правен систем.

-Не може да слушаме гласност за тоа како тие ќе си ги делат парите внатре, туку самите треба да бидат свесни за сопствената одговорност. Дали станува збор за судија, кој го пуштил, не го пуштила Управата или кој било од Министерството надвор, го пушта судија во судска постапка, рече Дескоска.

Поради застареност на делото поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, во средата беше ослободен од кривичниот прогон за предметот „Траекторија“ во кој беше обвинет за „примање награда за противзаконито влијание“ при изградбата на автопатиштата Штип – Миладиновци и Кичево – Охрид. Судечкиот совет, по барање од адвокатот по службена должност, кој му беше одреден на Груевски, констатирал застареност на случајот поради истекот на шест години од стореното дело, а без правосилна пресуда.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО