На дневен ред на седница на Антикорупциската се два предмети поврзани со вицепремиерот Кочо Анѓушев – едната поврзана со владина одлука за намалување на царина за литиумски батерии за акумулатори, а втората во врска со градежното земјиште што по пат на непосредна спогодба го добила фирма поврзана со Анѓушев за изградба на хидроцентралата „Тополки“.
По долготрајна дебата меѓу членовите во комисијата, со 4 гласа „за“ и два „против“ комисијата го отвори предметот за владината одлука за намалување на царина за литиумски батерии за акумулатори, а со оваа дејност се занимава единствено фирма поврзана со вицепремиерот. Анѓушев, според антикорупционерите не се иззел од вториот дел од постапката и присуствувал на владина седница каде што била усвоена одлуката.
Антикорупционерите се согласија дека во случајов постои судир на интереси и ќе побараат од Владата и од премиерот Зоран Заев да утврдуват одговорност поради наводно прикривање приватни интереси од страна на Анѓушев.
Во тек е расправата и за случајот „Тополки“, предмет кој беше отворен во мај годинава. Во „Тополки“, еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата Феро инвест, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител. Оваа фирма има добиено градежно земјиште по пат на непосредна спогодба во Дреново за изградба на хидроцентралата.
Анѓушев тогаш реагираше дека договорот за концесија е добиен и потпишан во мај 2015 година и добивањето на земјиштето е во иста постапка како и за сите електрани што се изградени во државата во последните 10 години.
Тој рече дека сите постапки се започнати во 2015 година, во време кога не бил член на владата, ниту пак знаел дека некогаш ќе биде, па никако и не можел да изврши влијание.