Претседателот на Србија, Александар Вучиќ кажа дека се договорени многу важни работи со Северна Македонија и Албанија кои значително ќе го подобрат инвестициското опкружување и истакна дека тој и премиерите на другите две држави се решени да го „туркаат“ напред она што е добро за граѓаните без оглед на притисоците.
Вучиќ за РТС изјави дека поради квалитетот и важноста на донесените решенија, се стравува дека ќе има напади од различни страни, но дека не се плаши од притисок.
Прашан да ги коментира критиките за иницијативата, тој рече дека пред сè, таа е економски здрава, но политички неодржлива заради затегнатите односи меѓу Белград и Приштина и други. Вучиќ додаде: – Не очекувам проблеми меѓу Белград и Тирана, иако знам дека Рама ќе биде подложен на жесток притисок. И тоа нема да се направи директно, затоа што не е лесно да го нападнете ова.
Тој изјави дека трите земји го сториле сето ова во границите утврдени со Берлинската конференција, да се придржуваат кон правилата на ЕУ, само што овој пат работат сами.
– Нема аргумент за напаѓање на оваа иницијатива, затоа ќе работиме внатрешно, од регионот, на различни начини, со различни политички оправдувања, на пример, дека Србија не го признала Косово и другите. Тројцата разговаравме и сме одлучни да го направиме ова за доброто на граѓаните – рече Вучиќ.
Тој посочи дека преминот Прешево за Србија сега е еден од најважните премини заедно со Батровци, Градин и Хоргош и додаде дека е договорено со премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама фитосанитарните и ветеринарните инспекции да работат 24 часа на ден, со што ќе се обезбеди тројно повеќе преминување на камиони со стока.
– Тоа ќе значи неверојатно намалување на оперативните трошоци, таа вишок вредност ќе може компаниите да ја делат на работниците – додаде Претседателот на Србија.
Вучиќ исто така кажа дека одлуката е можеби поважна од фактот дека граѓаните можат да ја преминат границата само со лична карта, затоа што тоа е политичка одлука.
– Но, ова ќе создаде инвестициско опкружување и ќе има корист од многу германски и странски компании – рече Вучиќ.
– Третото нешто што се договоривме е да го измениме законот и да прифатиме и дозволи за работа едни кај други – рече претседателот на Србија, додавајќи дека тоа значи дека ќе им се овозможи на луѓето да работат во сите три земји.
Тој што ќе ја има дозвола за работа во Северна Македонија ќе ја има во Србија и во Албанија, и обратно, додаде Вучиќ.
– Тоа ќе ни користи многу, затоа што имаме проблеми со работната сила. Ова ќе создаде многу добар инвестициски амбиент и ќе помогне да се внесат нови инвестиции. Тоа е порака за стабилност, дека имате слобода на движење и движење на стоки – рече Вучиќ, додавајќи дека во регионот живеат 12 милиони луѓе.
Вучиќ рече дека е договорено признавање на професионални квалификации, што, додаде тој, може да се заврши што е можно поскоро. Тој додаде дека Албанија веќе ставила дел од тоа во правната постапка и дека Србија ќе го стори тоа што е можно поскоро.
– Овие се тектонски промени, што многу ќе значат за нашите економии, овозможуваат поголема привлечност и значат многу повеќе странски инвестиции – рече Вучиќ.
Тој рече дека покрај субвенциите, странските компании се повеќе значајни за двојното образование, пред се за стабилноста, а потоа и за можноста за апсолутно слободно движење на најголемата можна територија и прием на работната сила.
Вучиќ истакна дека кога зборуваме за „мини Шенген“, иако во Европа не сакаат да го слушнат, затоа што тоа е поврзано со нивниот географски концепт и одлуки, а во овој случај тие не се „директни команданти“, сè е направено во согласност со европските правила и европските четири слободи.
– Кој знае како некој може да реагира, но планираме да се договориме во Драч на следната средба на 21 декември дека ако влезете во белградскиот аеродром и ви е дозволено да слетате во Србија, нема да ви требаат специјални документи за Албанија или Северна Македонија. Никој нема да ве праша за документи – рече Вучиќ.
Тој додаде дека треба да се направи усогласување и обединување на техничката документација за со што помалку хартија да се премине границата, а тоа е подобро за економијата.
Тој исто така рече дека трите земји можат да работат заедно за создавање на унифицирана туристичка понуда и рута, за привлекување туристи, особено од Азија.