(ВИДЕО) Заев: Се санира колекторскиот систем во Охридско-струшкиот регион

Од:

После неполна година подготовки и барање најдобри решенија и финансиски средства за реализација, почнаа работите на санација на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион за прочистување од наслагите и корењата од дрвјата и рехабилитација на цевководот на колекторот. Ова го истакна премиерот Зоран Заев кој беше на увид на состојбата на колекторскиот систем.

Тој соопшти дека дополнително ќе се поправат или ќе бидат заменети сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во должина од околу 300 километри во Охрид и Струга.

-За оваа намена , како што рече, се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот на граѓаните на нашата земја.

Во соопштението се наведува дека решавањето на сложениот и сериозен проблем затекнат со колекторскиот систем за прочистување на отпадните води во охридско-струшкиот регион беше еден од приоритетите на Владата на кој беше посветено посебно внимание уште на стартот на мандатот.

-Лошата изведба во некои делови, како и негрижата и неодржувањето на сите сегменти на колекторскиот систем за прочистување на отпадните води создадоа сериозна еколошка опасност за Охридското Езеро и за приодните убавини и реткости во неговото опкружување, стои во соопштението.

Се додава дека од стручната анализа на една јапонска компанија во 2014 година, направена со роботизирана технологија, констатирано е дека на неколку места колекторот речиси и да не постои заради лошата изведба и неодржувањето на бетонскиот цевковод. Во поголем дел колекторот е запушен или слабо пропустлив поради насобрани наслаги од отпад и поради корења на дрвја, исто како и атмосферската и канализациската мрежа. Од 18 препумпни станици само една или две работат повремено, а самата пречистителна станица е речиси без функција бидејќи не се сервисирале и не се заменувале дотрајаните делови.

-Сознанијата за последиците од оваа состојба биле познати со години наназад и ништо не било преземено. Посебното значење за охридско-струшкиот регион како светското природно и културно наследство, заслужува посебни мерки на заштита. Затоа беше создадено посебно, издвоено Јавно претпријатие колекторски систем кое ќе ги реши со години натрупаните проблеми. Помогнавме да се порамнат долговите на ЈП „Проаква“, како и долговите на општините кон ова претпријатие за да добиеме чист старт за новото ЈП Колекторски систем, рече премиерот Заев и додаде дека Охридското Езеро како заштитено подрачје опфатено на УНЕСКО е наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем за да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености, и тоа оваа Влада ќе го докаже.

Дејан Николовски, советник во Канцеларијата на премиерот посочи дека наместо да работат, компаниите во чија надлежност било и одржувањето и функционирањето на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион само го трупале долгот што достигнал 1,2 милијарди денари, не ги наплаќале долговите што достигнале висина од 850 милиони денари и ги пренаменувале парите на други дејности само не во функција на редовно и одржливо работење на системот што ги чисти отпадните води што завршуваат во езерото и во реката Црн Дрим.

-Најлоша констатација е дека се немало сенс да се санира катастрофалната состојба со колекторскиот систем, да се издвојат 4,23 милиони потребни за да се решат овие проблеми. Користени се за разни намени, за фасади и споменици, но не и за решавање на овој проблем, кој бил закана на природното богатство што го имаме и што е под заштита на УНЕСКО. Новиот менаџмент на ЈП Колекторски системи ќе продолжи да работи на решавање на состојбата и на одржување на системот за никогаш да не се повтори оваа ситуација, рече Николовски.

Директорот на ЈП Колекторски систем Владимир Алексијоски истакна дека благодарение на Владата на РСМ, која ги поддржа сите иницијативи на ЈП Колекторски систем од основањето на почетокот на оваа година, за една година овозможи да се започне со санација на колекторскиот систем за прочистување на отпадните води и фекалните води во Охрид и Струга.

-Наредната туристичка сезона ќе отпочне без тековните проблеми со кои се соочивме. Со средствата издвоени од Владата на Северна Македонија ја започнавме постапката за санација на колекторскиот систем. Сите точки каде што имавме целосно запушување на цевководот ќе бидат пробиени и ставени во функција. Со технологијата „цевка во цевка“ ќе се подобри протокот на фекалните води, ќе се изврши санација на редукторите на препумпните станици, за да се обезбеди целосно пренесување на фекалиите до пречистителната станица која повеќе од една година воопшто не функционираше“, информираше директорот на ЈП Колекторски системи Владимир Алексијоски.

Би можело да ве интересира

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Изгаснат е пожарот во Безистенот во Струга, зафатена кровната конструкција

ВИДЕО: Гори Безистенот во Струга

Катерина Ѓуровски

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена