Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по завршувањето на денешната дебата за промена на изборниот модел, рече дека иницијаторите од помалите партии може да сметаат на сигурна поддршка од пратениците на СДСМ за гласање на измените на Изборниот законик. Тој ги повика ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и другите партии од албанскиот блок да дадат поддршка, како што рече, на овој изборен модел, од кој сите ќе добијат.
„Упатувам порака до најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, да се охрабри да даде поддршка за овој важен исчекор кон демократските капацитети на државата. Ако некој изгуби, ќе изгубат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но ќе добие демократијата. Сметам дека и ДУИ треба да застане зад иницијативата затоа што со сегашниот модел се откажува од гласачите во Третата и Четвртата изборна единица. Сакам да потенцирам дека и со овој изборен модел секој може да прави предизборни коалиции, не гледам ништо спорно во тоа. Денеска реков и ќе си стојам на зборот дека иницијативата може да очекува сигурна поддршка од пратениците на СДСМ во Собранието кога ќе се гласаат измените на Изборниот законик“, рече Заев.
Запрашан дали Изборниот законик може да се менува и без ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, рече дека законот може да се донесе со 61 пратеник, но нагласи дека најдобро е за ваква измена сите да го гласаат.
„Со 61 пратеник може да се донесе законот, тука не гледам ништо спорно, ако е потребен Бадинтер, и тоа може да се обезбеди со глас на пратениците од етничките заедници, но, според мене, најдобро е да се изгласа со консензус. Ова се важни прашања за кои уште подобро би било и ако обезбедиме консензус, тогаш имаме плус од она што го бара законот“, додаде Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не се појави на денешната дебата иако, како што рекоа иницијаторите, бил уредно поканет да ги изнесе своите ставови за промена на изборниот модел.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека се согласни за дискусија по ова прашање, но кога Мицкоски ја игнорира дебатата и не испрати ниту свој претставник, очигледно е дека нема да има поддршка за измените на Изборниот зкаоник од најголемата опозициска партија. На крајот од денешната дебата на иницијативата ѝ се придружија уште тројца пратеници и сега се 15. Тие упатија порака дека нема да гласаат за никакви измени на Изборниот законик доколку не се гласа промената на изборниот модел од шест на една изборна единица