Директорот на американската национална разузнавачка служба Џејмс Клапер денеска оцени дека „непредвидливата“ Северна Кореја со своето нуклеарно оружје и ракетни програми претставува сериозна закана за САД и земјите во источна Азија.
Презентирајќи го извештајот на ЦИА за глобалните закани како тероризмот, сајбер нападите, оружјето за масовно уништување, војната во Сирија и нестабилната состојба во Арапските земји, Клапер голем дел од обраќањето посвети на Северна Кореја.
– Разузнавачката заедница долго време проценува дека без разлика што Пјонгјанг тврди дека нуклеарниот арсенал служи како средство за одбрана и меѓународен престиж, ние всушност не знаеме каква е севернокорејската доктрина за нуклеарното оружје и неговата употреба, изјави Клапер пред Комитетот на Сенатот за разузнавачки прашања.
Ние сметаме, но со мала сигурност, дека Северна Кореја ќе употреби нуклеарно оружје против САД или нивните сојузници со цел да го зачува режимот на Ким Џонг-ун, но не знаеме што според нив претставува надминување на прагот, изјави Клапер.
Северна Кореја под водство на Ким Џонг-ун изминатите три месеци неколку пати се спротивстави на меѓународната заедница, меѓу останатото и со извршување на нуклеарна проба и лансирање интерконтинентални балистички ракети.
Клапер изрази голема загриженост поради постапките на младиот лдиер, опишувајќи ја реториката на Пјонгјанг како „многу воинствена“.
Во извештајот на разузнавачката заедница, исто така се наведува дека Техеран развива нуклеарни капацитети со цел да ја зајакне својата безбедност и влијание, но и со цел да произведе нуклеарно оружје иако не се наведува дека Иран донел одлука за производство на нуклеарно оружје.
– Не знаеме дали Иран на крајот ќе одлучи да направи нуклеарно оружје, наведуваат американските разузнавачи.
Извештајот се осврнува и на ситуацијата во Сирија, каде според оценките, претседателот Башар ал Асад поради неможноста да ги победи бунтовниците би можел да употреби хемиско оружје против сопствениот народ.