Менаџерот на Манчестер Јунајтед Алекс Фергусон одбил да се ракува со неговиот колега од Челзи пред почетокот на вчерашниот дуел од ФА купот.
Предводникот на „сините“ Рафаел Бенитез, за ваквиот потег на Фергусон смета дека е одраз на неговата култура.
– Го чекав Фергусон да се поздравиме и тој тоа го знае. Прашајте го зошто одби да се ракува со мене. Јас имам општа култура и знам дека многу луѓе го гледаат тој момент и дека тој чин треба да се случи, изјави тренерот на Челзи.
Како што пишуваат англиските медиуми, Бенитез го чекал Фергусон во тунелот од стадионот „Олд Трафорд“ да се поздрават, но тој само поминал покрај него и одбил да се ракува.
Сведок на ваквата постапка е еден фотограф кој чекал да го регистрира тој момент.
Натпреварот од четвртфиналето во ФА купот меѓу домашниот Манчестер и Челзи заврши нерешено 1:1, по што ќе се одигра повторен дуел, но овојпат домаќин ќе биде Челзи.