Ракометарите на Еурофарм Работник забележаа трета победа во СЕХА лигата, а овој пат со наведнати глави од Битола заминаа ракометарите на европскиот вице-првак, унгарскиот гигант Веспрем.
Битолчани беа подобри во двете полувремиња, во првото го завршија со предност од 14:8, а на крајот од натпреварот славеа со 26:24.
-Среќен сум што победивме еден од великаните на европскиот и светскиот ракомет, тимот на Веспрем. Го дадовме нашиот максимум, оваа победа е мотив за понапорна работа и поголема самодоверба посебно во Лигата на шампиони. Игравме на крилјата на навивачите, кои придонесоа за вечерашниот празник на ракометот, изјави тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски.
По средбата изјава даде и тренерот на гостите Давид Камара кој кусо рече дека незнам што се случи, но знам дека ова е тежок пораз од Ерофарм Работник, тим кому посакувам понатамошни успеси.
Пред 3.500 гледачи во Битола, најефикасни на теренот беа Јотиќ кај домашните и Гајиќ кај гостите кои постигнаа по 8 голови.