Министерката за правда, Рената Дескоска, рече дека донесувањето на законот за јавното обвинителство не е нужен заради продолжување на предметите на СЈО, но е потребен заради обврските од Стратегијата за реформи во правосудниот систем.
„Можеби носењето на Законот веќе не е нужно заради продолжување на предметите на СЈО, но е потребен заради исполнување на обврските од Стратегијата за реформа во правосудниот систем“, рече Дескоска.
Таа рече дека предметите на СЈО ќе имаат завршница и дека целосно се тргнала можноста за какво било негативно влијание од начелното правно мислење на Врховниот суд.
На настан во Јавното обвинителство, каде што беше Дескоска, беше соопштено дека 20 месеци ќе се спроведува проект за јакнење на истражителските центри во државата.
Во Јавното обвинителство беше презентиран проект поддржан од германска фондација и Министерството за правда на Хрватска, на која што беше објавено дека ќе се јакнат капацитетите на истражителите, за борба со криминалот и корупцијата.
Министерката Дескоска рече дека нема брза и ефикасна правда без истражни центри: „Тие се очите и ушите на обвинителите“.