Во моментов се одвива примопредавање на предметите од Специјалното јавно обвинителство до ЈО, информираше обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова.
Во однос на тоа дали истите обвинители ќе ги водат предметите или на нивно место ќе бидат поставени нови, Стефанова изјави дека за тоа се уште не се знае односно дека дополнително ќе одлучат од Јавното обвинителство.
Во текот на вчерашниот ден преку допис, СЈО потврди дека е подготвено веднаш да ги предаде сите предмети, списи и докази до Јавното обвинителство.
Во соопштението не е наведено дали до ЈО ќе бидат предадени и аудио-снимките, односно прислушуваните материјали, бидејќи тие се во надлежност единствено на СЈО.
Минатата недела шефицата на СЈО, Катица Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет“, побара Јавното обвинителство со кое раководи Љубомир Јовески да ги преземе сите предмети, истраги и предистражни постапки.