Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во изјава за МИА вели дека Обвинителството е подготвено и има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети од СЈО и оти се надева дека процесот ќе тече брзо. Смета дека по преземањето на предметите и евентуално донесување на Законот за јавно обвинителство ќе се одлучи кои обвинители ќе постапуваат по предметите и не е исклучена можноста и досегашните обвинители да постапуваат по предметите.
– Јавното обвинителство на Република Северна Македонија беше известено со писмен допис дека јавните обвинители од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) се овластени да ги достават предметите во ЈОРСМ. Следи взаемно договарање околу техничките детали за предавање на предметите, моментот и редоследот. Обвинителството е подготвено, има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети. По пристигнување на предметите и нивно распределување по обвинителствата, постапувањето од страна на ЈО ќе тече согласно законските надлежности. Се надеваме дека процесот ќе тече брзо, вели Јовески.
Советот на јавни обвинители, како што истакнува Јовески, после 15 септември треба да одлучи за статусот на јавните обвинители и нивното враќање во матичните обвинителства со оглед дека функцијата јавен обвинител во тие обвинителства им мирува.
-Доколку се донесе нов Закон за Јавно обвинителство, во него сигурно има одредби за нивниот статус. По преземањето на предметите и евентуално донесување на Законот ќе се одлучи кои обвинители ќе постапуваат по предметите, не е исклучена можноста и досегашните обвинители да постапуваат по предметите, вели државниот јавен обвинител Јовески.