Во духот на демократските принципи и начела врз кои се потпира нашето општество, Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, денеска апелираше да престанат манифестациите на насилство, меѓусебната нетрпеливост и меѓуетничката нетолеранција.
Од Комисијата потенцираат дека меѓуверската и меѓукултурната толеранција отсекогаш биле и натаму треба да бидат темел на нашиот заеднички живот.
– Верата отсекогаш била чин на взаемно почитување и возвишен однос кон Бога и вероисповед на другиот, а улицата како место за пресметка е само деградација и уривање на темелните човечки принципи. Да не дозволиме екстремниот и нетолерантен однос кон нештата непотребно да предизвикаат турбуленција и непотребни меѓуетнички и меѓуверски конфликти кои можат да имаат далекусежни последици, посебно кон животот на нашите деца кои се благодет и наша иднина, стои во соопштението.
Само времето на толеранција и соживот, подвлекуваат од Комисијата, може да биде нашето време во кои се вложени и се вложуваат максимални напори кои водат кон благодетите на заедничкиот живот и разбирање.