Светскиот македонски конгрес (СМК) ја осудува злоупотребата на верските објекти и обреди како место за собирање за протести и апелира до политичките партии да не ги злоупотребуваат верските објекти и кампањата да ја водат во мирна и демократска атмосфера, без навреди и без нарушување на меѓучовечите, меѓуверските и меѓуетничките односи во општеството.
– Животите и имотите на граѓаните се неприкосновени и неповредливи и не постојат интереси заради кои можат да бидат загрозени. Толеранцијата и коегзистенцијата се градат во мир и со љубов, а не со омраза и во војна. Најостро го осудуваме секое насилство и агресија и целосно ја поддржуваме полицијата за одржување на јавниот ред и мир во државата и безбедноста на граѓаните, посочуваат од СМК.
Изразуваат загриженост поради протестите и насилствата што се случуваат изминативе денови, како што се тепачки по улици, во автобуси и на спортски натпревари, демолирање на автобуси, возови и возила, уништување на приватен и државен имот и загрозување на здравјето и животите на граѓаните. Бараат полицијата да ги разоткрие сите случаи на насилство, а против сторителите да бидат преземени најстроги мерки во согласност со Закон.
СМК апелира граѓаните, родителите, воспитно-образовните установи, верските заедници, партиите и институциите на власта секогаш и насекаде да се борат против омразата, насилството и дивеењето на хулиганите. Воедно бара засилено присуство на полицијата пред училиштата, во автобусите, на автобуските постојки и улиците и други јавни места.